Во населеното место Миладиновци интензивно се работи на изградба на нов колекторски систем за прифаќање на отпадните фекални води во должина од 900 метри. Изградбата на овој колекторски систем од левата страна на Сува Река на кој досега се поставени 32 шахти е дел од реализацијата на капиталниот проект на општина Илинден за Изградба на фекална канализација и пречистителсни станици.
Колекторскиот систем со кој ќе бидат опфатени 125 домаќинства од ова населено место ќе ги одведува отпадните фекални води до новоизградената пречистителна станица со капацитет од 1250 еквивалент/жители.
На веќе изградениот колекторски систем од десната страна на Сува Река приклучени се 102 домаќинства, како и основното училиште ,,Браќа Миладиновци”, новата детска градинка, амбулантата и поштата. Предвидено е да се реализираат над 300 приклучоци, при што покрај домаќинствата кои ги испуштаат отпадните води во отворените реципиенти, ќе се изврши приклучување и на домаќинствата кои во моментов користат септички јами.
Изградбата на пречистителната станица во Миладиновци се реализираше во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, а вкупната инвестиција изнесува 11 миниони денари, од кои 9 милиони се обезбедени од буџетот на општина Илинден, а 2 милиона од Министерството.
Со изградбата на оваа пречистителна станица се овозможува прочистување и третман на отпадните фекални води од сите домаќинства од населеното место Миладиновци.
Со реализација на овој проект ќе се придонесе за подобрување на животната средина како и подобрување на водите во Сува Река, ќе се подобри квалитетот на живеење на граѓаните, подобрување на условите за побрз економски, социјален и рамномерен развој на Општина.
Извор: Општина Илинден