Гевгелија: Одржлив еколошко-економски развој – главен предуслов за успешно функционирање на општината

ИнтервјуаГевгелија: Одржлив еколошко-економски развој - главен предуслов за успешно функционирање на општината
spot_img

Најчитано

spot_img
spot_img

Во рамки на проектот „Мојата општина- финансии, развој, долгорочна одржливост“ кој се реализира преку Форумот за разумни политики, во бизнис-магазинот „Економија и бизнис“ бр. 273, е објавен прилог од интервјуто на градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков на тема „Одржлив еколошко-економски развој- главен предуслов за успешно функционирање на општината.

– Погледнато во еден подолг временски период кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Гевгелија остварува континуиран напредок во своето работење?

1. Од самиот почеток на преземањето на градоначалничкиот мандат, се залагав во општина Гевгелија да се обезбеди одржлив еколошко-економски локален развој, како основен предуслов за развој на општината. Затоа, продолжив со финиширање и целосно менаџирање на веќе започнатите капитални, главно, еколошки проекти и нивно профункционирање, бидејќи од тоа многу зависи и одржливиот економски локален развој. Притоа, воопшто не бев оптоварен дали и колку овие проекти биле започнати или договорени за реализација од мојот претходник, напротив, настојував со дополнително менаџирање, и за волја на вистината, со дополнителни финансиски обврски, овие проекти од големо значење за општината, да бидат завршени.

Навистина станува збор за капитални проекти, како што е Пречистителната станица, изградбата на нов водоснабдителен систем со квалитетна вода за пиење и Времената депонија за комунален отпад. Проекти, кои особено по бегалската криза, ја ставаат општина Гевгелија на високо место на еколошката картаза погранични општини според европските стандарди. Додека пак, со обезбедување на квалитетна вода за пиење гевгеличани повеќе не пијат вода од бунарите кај Моин, каде што беше потврдено недозволено присуство на арсен. Со ваква еколошка подлога Општина Гевгелија беше подготвена да излезе во пресрет на барањата на сите заинтересирани инвеститори за отворање на нови стопански капацитети во овој пограничен регион. Пандемијата со КОВИД-19 донекаде ги забави ваквите активности, посебно кога станува збор за реализација на новите инвестиции.

– Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Гевгелија? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?

2. Пандемијата е една од причините за забавената инвестициона активност, но, и за отежнатиот економски развој и воопшто живеење во општина Гевгелија. Особено, ако се има предвид структуираноста на гевгелиската економија, која е во тесна зависност од прекуграничниот промет. Затворањето на грчката граница, поради рестриктивните мерки од пандемијата, значеше и затворање на туристичко-угостителските капацитети и казина во Гевгелија, каде што беа вработени скоро 2000, главно, млади луѓе. Дополнително, бројните услужни и други капацитети, кои ги опслужуваа и зависеа директно од прометот на грчките туристи останаа под клуч. Така на пример, скоро 40-ината стоматолошки и други здравствени ординации, кои придонеса за развој на здравствено-рекреативниот туризам во Гевгелија, годинаипол не работат. Затоа, и сметам дека последиците од пандемијата, во споредба со другите региони, во најголема мера ги почувствуваа гевгелиските стопанственици и претприемачи.

Покрај ова, одредени законски регулативи, особено во сферата на урбанизмот, градежништвото и заштитата на животната средина, значително ги забавуваат постапките за навремено задоволување на потребите на граѓаните. Јас сум на крајот од мандатот, а некои урбанистички планови, кои претставуваат главен предуслов за развој на општината, се уште не добиле согласност од Министерството за транспорт и врски, иако, по десетпати е постапено по забелешките.

Во Гевгелија се отвораат производни капацитети, кои според невладините организации и гласот на јавноста можат да ја загрозат еколошката слика на општината, без согласност и мислење од општината!

– Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините? Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општината?

3-4. Одредени надлежности мора да се вратат на општините или пак одредени постапки да се преуредат, бидејќи директно се одраазуваат на буџетските приходи и го забавуваат функционирањето на локалната самоуправа. Како член на Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општинитепри ЗЕЛС и воопшто преку ЗЕЛС се залагав за промена на методологијата за пресметка на ДДВ, односно, не по сегашните критериуми, туку основен критериум при пресметка да биде местото кај што е остварен прометот со ДДВ.

Од друга страна, на секоја општина треба да и се овозможи искористување на компаративните предности. Замислете, во Гевгелија функционираат трите најрепрезентативни хотели и казина во земјата, кои, покрај големата вработеност месечно издвојуваат по 1,5 милион евра во државната каса. Меѓутоа, Општината нема ниту денар повраток од овие средства, иако, овие фирми и вработени работат и остваруваат приходи на нејзина територија. Затоа, побаравме од средствата што казината ги издвојуваат во централниот буџет, во висина од 23%, еден дел, во висина од 3%,да биде пренаменет во општинскиот буџет.

– Дали има нешто што самата Општина Гевгелија може да го промени во своето функцинирање во поглед на своите приходи, на расходи и воопшто на своето работење во иднина­­?

5. Со ваквите дополнителни приходи значително ќе биде зголемен основниот буџет на Општината, а тоа значи и подобрување на квалитетот на услугите кон граѓаните. Во моментот можеме да бидеме задоволни од реализацијата на основниот буџет, бидејќи во услови на пандемија, во првиот квартал годинава реализирани се 26% од основниот буџет на општината. Тоа значи континуитет во буџетската реализација, бидејќи во 2019 и 2020 година буџетот беше реализиран со 81%.

Но, со дополнителни приходи во буџетот, ќе бидат создадени можност за натамошно подобрување на условите за живеење во општината. Односно, да можеме даги задоволиме барањата на граѓаните и да го подобриме квалтетот на услугите.

– Каква е комуникацијата на Општина Гевгелија со другите чинители како што се граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, невладиниот сектор итн.?

6. Со граѓаните сум во постојан контакт, па, и во услови на пандемија, настојувајќи да излезам во пресрет на секое нивно барање. Било кога станува збор за донесување на стратешките документи, како што е општинскиот буџет, која расправа ја организиравме преку електронска платформа и средба со претседателите на месни заедници. Или пак преку непосредни средби, настојувајќи да им помогнам во решавањето на секојдневните проблеми, кои, најчесто, не се во надлежност на општината.

Со бизнис-заедницата сум во постојан контакт, особено во изминатата годинаипол, кога поради пандемијата локалната економија беше соочена со големи последици и штети. Настојував за нивните барања да посредувам и организирам средби со надлежните министри и премиреот на Владата на Република северна Македониа, но, и со конкретни мерки што ги донесе Советот на Општина Гевгелија за ублажување на последиците.

Со невладините организации имам постојана координација и поддршка, за скоро сите активности, особено, кога станува збор за заштита на животната средина. Познато, е дека Општината на тој план настапува одлучно и доследно, се залага за Гевгелија како модерна, европска и зелена општина. Заедно со невладините организации и мнозинството граѓани на референдум се изјаснивме на територијата на Општина Гевгелија да биде забрането отворање и воопшти истражување на рудници и наоѓалишта за металични минерални суровини, како и отворање на производни погони кои ја загрозуваат животната средина.

Што е однесува пак до меѓународните организации соработкта е повеќе од успешна, бидејќи во Гевгелија досега се реализирани повеќе десеттина значајни проекти со меѓународни грантови. Со грант од Швајцарската, Грчката и Македонската влада изградена е една од најголемите Пречистителни станици на овие простори, со јапонски грант обезбеден преку УНДП изградена е Времената депонија за комунален отпад, а со германски грант од 2,5 милиони евра, претстои целосна реконструкција на комуналната инфраструктура во Општината.

– Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работењето на Општина Гевгелија?

7. Заокружувањето и финализирањето на одржливиот еколошко-економски развој е главен предуслов за натамошното успешно функционирање на општината. Основата, барем што се однесува до еколошките предизвици е веќе поставена, а сега следува локалниот економски развој. Престои комунално инфраструктурно уредување на ТИРЗ „Прдејци“ кај Гевгелија, за што ќе ни биде потребна и поддршка од Владата на РСМ.

Фактот дека во завршна фаза е издавањето на одобрение за градба на новиот капацитет на Веро, Гудис и Џамбо, во непосредна близина на граничниот премин Богородица, е најдобра потврда дека инвеститорите се враќаат во овој прекуграничен регион. А, тоа значи, дека и по пандемијата, Општина Гевгелија останува отворена за бизнис соработка, натамошно поттикнување на прекуграничниот промет, бидејќи од тоа директно зависи и развојот и животот во општината.

Отвореноста на општината, непосредните контакти на локалните власти и граѓаните од едната и другата страна на границата, значително придонесоа за добресоседските односи на Република Северна Македонија и Република Грција. Ние и пред Преспанскиот договор имавме добра соработка, контакти и бројни заеднички проекти со прекуграничните власти во Пеонија и во другите соседни општини во Грција.

Во оваа прилика би посочил и еден помалку познат за пошироката јавност, детал од животот во пограничниот регион. Стотина гевгелиски девојки се омажени и живеат во Грција , а тоа значи дека нивните деца доаѓаат кај своите дедовци и баби во Гевгелија или во Поликастро, Халкидона, Бојмица, Кукуш. Ваквата традиција на заедничко прекугранично живеење опстојувала со години, очекувам повторно да биде обновена по пандемијата, односно, по повторното отворање на границите.

Бидејќи основен белег на Гевгелија е границата и отвореноста, се разбира, и метежот на гевгелиските улици од грчки, српски, турски и други странски намерници и туристи, кои оттука минуваат…

Извор: Општина Гевгелија 

spot_img
spot_img
spot_img

Последни објави

spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img

Читај повеќе

spot_img
spot_img