Иако ЈП Паркинг Кавадарци тоне, а Советот на Општина Кавадарци непрестајно го помага со субвенции, жителите на Кавадарци реално не чувствуваат некоја позитивна промена од воведувањето на зонското паркирање во градот. Според градската администрација, сообраќајната култура во градот е подобрена, но реалната состојба не ни блиску до подобрување.
Тесните грла во сообраќајот се истите: централното градско подрачје околу Старата Автобуска Станица, Јаворот до Спортската Сала „Партизан“, автобуското стојалиште „Дарданели“’, секвенцата на кафулиња долж „Илинденска“ и.т.н. Кавадарци останува град со постојано ТРГНИ-ЗАСТАНИ и патување половина час од точка А до точка Б, додека Советот на Општината неколкукратно го субвенционира Јавното Претпријатие, кое ни ги асфалтира игралиштата и зеленилата во градот. Жителите од населбата „Нов Центар“ воопшто не заслужија нивните лични паркинг места над кои имаат право со самото купување на станот во зграда која има паркинг простор да се наплаќаат! Сепак, ЈП Паркинг им воведе плаќање на нивните паркиралишта!
Надоместувањето на изгубените зелени површини во градот со наводно новиот парк „Ќиро Крстев“ е фарса, затоа што паркот секогаш постоел, само беше запоставен од претходната администрација и сега е повторно ревитализиран. Оваа администрација на Општината иако го подобри квалитетот на животот на граѓаните, ја зголеми и цената на чинење на животот во Кавадарци, а со развојот на индустријата и производните капацитети кои ги има Кавадарци, жителите не го заслужуваат тоа!
За да се додаде на дисфункционалноста на ЈП Паркинг, сведоци сме на огромен притисок на кој се изложени теренските работници на јавното претпријатие, баш заради таа „сообраќајна култура“ која се подобрила во градот! Левица ЛО Кавадарци секогаш е на страната на работникот и ја согледува оваа тортура врз вработените во Јавното Претпријатие како пропуст на менаџментот на истото.
Од советничките седници може да се забележи дека и покрај негодувањата на неколку советници за функционалноста на ЈП, Советот едногласно гласа ДА како и за секоја предлог-точка на дневниот ред, со што е јасно дека Советот е тело кое не ја извршува задачата која ја има, туку немо гласа!
Покрај субвенционирањето од буџетските пари кое го изгласува советот, ЈП Паркинг на неколку наврати добива и транспортни средства од Агенцијата за управување со одземен имот без надомест! ЛО Кавадарци на ПП Левица верува дека овие возила со кои располага Агенцијата за управување со одземен имот би биле повеќе во прилог на работата на Итната Помош, СВР и Противпожарната Единица, наместо овие институции да чекаат возила како донација од „општествено одговорните“ компании!
Извор: Левица