Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во соработка со Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, во рамки на проектот на УСАИД за граѓанско учество, во наредниот период ќе спроведе активности за усогласување на Законот за користење на податоците од јавниот сектор со ЕУ Директивата за отворени податоци и ре-употреба на информации од јавниот сектор  (2019/1024).

Со цел обезбедување на навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес МИОА објавува повик до сите заинтересирани страни за номинирање на членови во работната група за усогласување на Законот за користење на податоците од јавниот сектор со ЕУ Директивата (2019/1024).

За учество во работната група, потребно е заинтересираните страни да имаат искуство во областа. Номинираните учесници ќе можат да дадат свој придонес во подготовката на проценка на влијанието на спроведувањето на сегашниот Закон (ex-post evaluation), проценка на влијанието на новото законско решение (regulatory impact assessment) и подготовка на новиот предлог Закон. Во текот на спроведувањето на активностите ќе бидат организирани работилници и ќе се одржат интервјуа и средби со поединци и групи од интерес. Активностите ќе бидат спроведени во периодот август –декември 2021 година.

Сите заинтересирани страни треба на следнава електронска адреса: sandra.anastasovska@mioa.gov.mk да достават известување за номинација со име и презиме; звање и работно место; назив на организација; контакт телефон и електронска адреса на номинираното лице.

Рокот за номинација е 06.08.2021 година.