Дваесет години после воената интервенција на воениот сојуз НАТО во Авганистан, крајниот исход, кој деновиве јасно го гледаме по сите светски медиуми, не е никакво изненадување. Членството во НАТО и „стратешкиот договор“ со САД постојано ја вовлекуваат Македонија во империјалистичките злосторства на земјите од Западот. Сите досегашни власти на Македонија слепо ги исполнуваат барањата на Вашингтон. Тие беспотребно учествуваат во американските санкции кон Русија или Венецуела, повикуваат на интервенција од Белорусија до Куба, непотребно испраќаат вооружени сили низ светот, од Косово до Авганистан и Ирак. За погрешните политики „цехот“ еден ден ќе мора да се плати.
Како што и претходно предупредувавме во повеќе наврати, инвазијата на Авганистан никогаш не беше поради човекови права, демократија, или пак за било каква борба против тероризам, а најмалку беше со намера за подобрување на животот и социјалната состојба на тамошниот народ. Воената интервенција во Авганистан беше заради задоволување на геостратешките интереси на САД и на воено-индустрискиот комплекс на оваа држава во улога на светски полицаец. Жално и срамно е што во сето ова, Македонија служејќи им на овие тесни интереси на САД и неколкуте водечки земји од воениот сојуз НАТО, ќе биде забележано дека учествувала на страната на окупаторот. А уште пострашно е тоа што, за сметка на оваа авантура на НАТО беа ризикувани животите на нашите војници, чијашто евакуација од Кабул сеуште е неизвесна. Во овој момент дури 80 Македонци се во опасност во Авганистан како резултат на континуираната потчинетост на сите досегашни наши влади пред американскиот империјализам.
Нашите власти никако да ја научат лекцијата. Напротив, моменталната власт дури и со засилено темпо ја продолжува политиката на потчинетост објавувајќи дека се спремни да прифатат политички бегалци кои биле локални соработници на САД во окупацијата на Авганистан. Притоа, оваа вест беше објавена уште пред да бидат познати било какви информации за состојбата на околу 80 македонци кои се наоѓаат во Кабул. Во оваа насока несериозно и очајно е соопштението на нашето МНР во кое, после се, признава дека е некадарно да обезбеди сигурна евакуација и безбедно напуштање на земјата на нашите државјани кои во овој момент се наоѓаат во Авганистан, туку повторно потпирајќи се на САД моли за нивната добра волја со што во опасност и ризик ги доведува животите на нашите државјани во таа зона.
Доколку има било каква жртва, поради ваквата неспособност на нашето МНР на чело со Владата, ќе мора да сносат одговорност и да одговараат за несаканите последици!
Неминовен е фактот дека овој конфликт носи нов бран на бегалци, кои транзитираат, ќе се задржат или можеби трајно ќе останат на Балканот. Но, во изјавата на премиерот Заев дека „македонија е спремна (!?) и стои на располагање на САД“ повикуваќи се на „стратешкиот договор“ со САД, потпишан од Владата на ВМРО-ДПМНЕ (2008г.) и членството во НАТО, со што покажа дека двете „најголеми“ политички партии повикувајќи се на овој договор, практично слугуваат на Вашингтонските интереси. Овој политички чин уште еднаш покажа на колку погрешна основа се гради македонската надворешна политика, исфрлувајќи го на површина слугувањето на домашната елита кон Западните вазали.
Сојузништвото со империјалистичките сили и нивното помагање уште еднаш ја става државата во подредена позиција и без избор. Ова е еклатантен пример за тоа како НАТО наместо безбедност ни носи бегалци и веројатно дополнително нарушување на и онака непостоечката внатрешна хармонија.
За досегашните погрешни постапки одговорност мора да има, но доколку македонската надворешна политика го задржи ваквото „статус кво“, непосакувани ситуации кои имаат тенденција да ја нарушат стабилноста на државата допрва може да следат.
Извор: ЛЕВИЦА