spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМНР: Османи на вонреден состанокот на Северно-Атлантскиот Совет на НАТО

МНР: Османи на вонреден состанокот на Северно-Атлантскиот Совет на НАТО

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на вонредниот состанок на Северно-Атлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи. Состанокот се одржа преку видео-конференција и беше посветен на состојбите во Авганистан.

 

Во дискусијата беа разменети мислења и консултации во врска со улогата и идните активности на НАТО по последните случувања во Авганистан. Од страна на министрите, како приоритетна беше истакната потребата од натамошна забрзана евакуација на граѓаните на земјите-членки и партнери, како и авганистанските граѓани кои беа ангжирани од страна на НАТО и други меѓународни организации во изминатите 20 години и сакаат да ја напуштат земјата, со што би се елиминирани потенцијалните закани од ескалација на хуманитарната криза. Во таа насока, Министерот информираше и за одлуката на Владата за времено прифаќање на цивили од Авганистан, кои биле дел од хуманитарни мисии и соработувале со НАТО сојузниците.

Во дискусиите беа искажани очекувања дека Талибанците ќе се придржуваат кон преземените обврски и нема да дозволат поддршка на меѓународниот тероризам, додека во земјата ќе обезбедат подеднакви човечки права за сите граѓани. Во спротивно ќе се соочат со санкции и меѓународна изолација.  

Министерот Османи се заложи фокусот на Алијансата и понатаму да биде ставен врз хуманитарниот аспект и како примарна ја издвои потребата за продолжување на операцијата за евакуација.

„Во тесна координација со сојузниците, успеавме да ги евакуираме нашите државјани од Авганистан, за што сакам да ви се заблагодарам за помошта. Сеуште мислиме дека ова треба да биде нашата примарна мисија, да обезбедиме сигурно заминување на сите наши граѓани од Авганистан. Евакуацијата на локалниот авганистански персонал и нивните семејства кои работеа со нас во изминатите 20 години е подеднакво значајна“, истакна Османи.

Што се однесува до идните ангажмани на Алијансата, Османи, се заложи фокусот да биде ставен врз справувањето со заканите од поттикнување на меѓународниот тероризам од Авганистан, како и обезбедување подеднакви права за авганистанските граѓани.

Од состанокот беше издадено и заедничко соопштение.

 

 

 

Извор: Министерство за надворешни работи 

 

Прочитајте

Гевгелија: Акција за чистење на одводните канали во градот и населените...

0
Во тек е акцијата за чистење на одводните канали во градот и населените места. По изборот на економски оператор, се чистат одводните канали и...