Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, учествуваше на основачкиот Самит на Кримската платформа, што се одржа во Киев, Украина. На настанот беа претставени повеќе од четириесет земји на високо и највисоко ниво, меѓу кои голем број земји членки на ЕУ и НАТО, како и високи претставници на меѓународни организации.
Министерот Османи во своето обраќање ја реафирмираше недвосмислената поддршка на Република Северна Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина, подвлекувајќи ја важноста од заштита на човековите права и меѓународното хуманитарно право.
“Република Северна Македонија го поздравува одржувањето на Самитот за Кримската платформа иницирана како меѓународен координативен механизам за повторно разгледување на прашањето за Крим, со нагласување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, потпирајќи се на нормите на меѓународното право, резолуциите на Генералното собрание на ОН и одлуките на другите меѓународни организации.” – истакна Османи.
Воедно, во рамки на настанот, беше усвоена Заедничка декларацијата на учесниците на меѓународната платформа за Крим, на која се придружи и Република Северна Македонија.