spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаЗапочнува со реализација многу значаен проект, за реални потреби на граѓаните и...

Започнува со реализација многу значаен проект, за реални потреби на граѓаните и развој на стопанството

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на заедничка прес конференција го претставија проектот за нова клучка во Скопје, со која треба да се поврзат булеварите „Словенија“, „Никола Карев“ и „Хасан Приштина“, а со која значително ќе се подобри поврзаноста и ќе се одговори на реалните потреби на граѓаните и стопанствениците кои живеат и работат во овој дел од градот.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи нагласи дека во Скопје и низ целата држава се реализираат многу проекти за реалните потреби на граѓаните. Тој информираше дека вредноста на проектот е околу 550 милиони денари, а за првата фаза обезбедени се 2 милиони евра од Владата на Република Северна Македонија, со ребалансот на буџетот за реализација на капитални инвестиции, а со реализација на проектот ќе се добие современо инфраструктурно-патно решение, со уредени пешачки и велосипедски патеки и зелен појас.

„Денес сме со вицепремиерот Груби и градоначалникот Шилегов тука, во близина на крстосницата помеѓу булеварот „Словенија“ и улицата „Качанички пат“, односно булеварот „Никола Карев“, каде ќе започне со изградба нова клучка, со која се очекува значително да се олесни сообраќајот на северниот влез и излез од градот, но и поквалитетно да се поврзат општините Карпош, Бутел, Чаир, Чучер Сандево, Шуто Оризари, како и да се овозможат подобри услови за компаниите кои работат во индустриската зона Визбегово. Визбегово е економска зона со над 700 милиони евра годишен обрт и над 2.500 вработени и реализацијата на оваа клучка која е за нив многу потребна го покажува на дело партнерскиот однос на оваа Влада со стопанството и граѓаните. Бидејќи, добра инфраструктура значи добра поврзаност, добра поврзаност значи соработка, соработката значи развој“, подвлече Битиќи.

Вицепремиерот потенцираше дека Владата е посветена на овозможување на поголем и  подобар квалитет на живот на сите граѓани во нашата држава при што потсети дека преку ТАВ Програмата во речиси сите општини се реализираат 94 проекти, во вредност од 50 милион евра, додека преку Проектот за локална за локална и регионална конкурентност привршуваат 57 проекти во вредност од 21 милион евра, кои се реализираа во 10 туристички дестинации низ земјата.

Првиот заменик на претседателот на Владата, Артан Груби, изрази задоволство што започнува со реализација еден капитален проект, кој е барање на граѓаните на Скопје со децении. Средствата за започнување на првата фаза на проектот се обезбедени од Владата на Република Северна Македонија, преку ребалансот на буџетот, информираше вицепремиерот.

„Среќен сум што како Влада, можеме да придонесеме за градење на поинаква скопска приказна, подобро Скопје за сите нас. Бев граѓански активист кога ги рушев ѕидовите што го делеа градот, како резултат на моноетничкото, монорелигозното, монокултурното, монопартиско лудило наречено „Скопје 2014“.  Денес, избран од граѓаните да служам, можам да придонесам за изградба на мостови, булевари, паркови и други инфраструктурни проекти. Ова е разликата, која придонесува за еднаквост, не за поделби, која гради мостови, а не ѕидови. Нашиот избор е лесен и јасен. Го сакаме Скопје цело за сите, а не за нив и за нас. Го сакаме Скопје едно, а не Скопје од десната и левата страна на Вардар. Сакаме развиено Скопје“, потенцираше првиот вицепремиер Груби.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, рече дека изведбата на клучката кај  булевар Словенија е голем проект за граѓаните на Скопје, а  заедно со клучката кај Момин Поток се наоѓаат на едната од двете главни рути која ги поврзува северниот и јужниот дел од градот.

„ Изградбата на оваа клучка е од особено значење заради пробивањето на двата булевари, булеварот „Словенија“ кон Карпош и булеварот „Хасан Приштина“ кон излезот према Косово. По завршувањето на тендерската постапка очекувам да започнеме со изведба годинава и да заврши за 2 до 2,5 години од сега. Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, проектот предвидува денивелиран патен јазол чија конструкција предвидува 5 рампи кои директно ги поврзуваат булеварите „Словенија“ и „Никола Карев“ и улицата Новопроектирана 6. Безбедниот сообраќај и одржливата урбана мобилност остануваат во редот на врвните приоритети на оваа градска администрација, а тоа граѓаните во континуитет го препознаваат и поддржуваат како ангажман кој ќе обезбеди поквалитетен живот за сите“, посочи градоначалникот Шилегов на настанот на кој беше промовиран проектот за новата клучка во северниот дел од градот.

 

 

Извор: Влада

Прочитајте