spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаСЕП: Средба на вицепремиерот Димитров со данскиот МНР Кофод

СЕП: Средба на вицепремиерот Димитров со данскиот МНР Кофод

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, оствари средба со министерот за надворешни работи на Кралството Данска Јепе Кофод, во рамки на официјалната посета на Северна Македонија.

На средбата се разговараше за актуелниот статус на нашето европско досие и можностите за надминување на пречките за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Беше истакната важноста од континуирано спроведување на реформскиот процес за европеизација на општеството, со фокус на областите од првиот кластер “Темели”.

Вицепремиерот Димитров нагласи дека досието на Северна Македонија е одлучувачко за одржување на динамиката во процесот на проширување и кредибилитетот на ЕУ во регионот.

Димитров: „Отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ е прашање кое тежи и на страната на Унијата бидејќи претставува тест за валидација на европската перспектива на регионот, а има одраз и врз цврстината на постулатите на Унијата како заедница на вредности. Придвижувањето на евроинтегративниот процес врз основа на објективно вреднување на копенхашките критериуми ќе внесе нова енергија и доверба за зајакнување на европската идеја за обединување, што е неопходно и во контекст на внатрешните процеси што се одвиваат во рамки на Унијата“.

Од данска страна беше јасно изразено уверување дека европската перспектива на Северна Македонија мора доследно да се реализира според одлуката на Советот на ЕУ, а со оглед на постигнатите резултати во спроведувањето на европската агенда и ја реафирмираше поддршката за официјално отпочнување на процесот со одржување на првата меѓувладина конференција. МНР Кофод го потенцираше прогресот на земјава и честиташе за покажаното лидерство при решавањето на прашањата важни и за регионот, но и за Европа.

Димитров и Кофод разговараа и за модалитетите за зајакнување на билатералната соработка  во контекст на поддршка во процесот на приближување кон европските вредности и стандарди во клучните области како што е владеењето на правото, со конкретни проекти и експертска помош.

 

Извор: Секретаријат за европски прашања 

Прочитајте

Јегуновце: Работна посета низ повеќе населени места

0
Градоначалникот на општина Јегуновце беше на работна посета низ повеќе населени места во општина Јегуновце каде направив увид на започнати проекти: Во завршна фаза е...