Преку видео бим, поставен во дворот на детската градинка ,,23 Август”, денеска во Берово, е одржана Јавна расправа по Нацрт-Одлука за прогласување на дел од Малешево, за заштитен предел. Јавната расправа ја започна Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање , Каја Шукова, која што ги истакна бенифитите од прогласување на Заштитеното подрачје, со можност за валоризациј а на природните богатства со кои располага регионот.
Истовремено видео бим, за следење на јавната расправа, беше поставен и во општина Пехчево.
Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски поздравувајќи ги присутните, упати на можноста за развој на локалната самоуправа, преку внесување на нови содржини и посебно преку развој на туризмот, како една од носечките гранки за развој.
Градоначалникот на Општина Пехчево, ја потенцираше цврстата соработка со општина Берово, додавајќи дека заштитените подрачја нудат многу можности, пред се брендирани локални производи, развој на туризмот и вкупен развој, во кој цело време се вложува.
Во своето кратко излагање, Заменик директорот на ЈП Национални Шуми, Маре Басова, ја истакна постапката за прогласување на заштитени подрачја, која што е спроведена по прифаќање на иницијативата од страна на Владата на РСМ. Целта е како што додаде таа, да ја заштитиме природата и како таква да ја оставиме на младите генерации да уживаат во природните богатства.
Претставник од Македонско еколошко друштво ги презентираше природните вредности, категоријата на заштита, предлог граници и предлог зони на Заштитен предел – Малешево, кои се содржани во Студијата за валоризација на природните вредности на Малешевски Планини и Влаина со предлог за формирање на Заштитен предел- Малешево (2021).
Од страна на Претставник од Министерство за животна средина и просторно планирање беше објаснета постапката за прогласување на дел од Малешево, за заштитено подрачје и Нацрт-Одлука за прогласување на дел Малешево за заштитен предел, по што следеше дискусија и затворање на јавната расправа.
Извор: Општина Берово