Министерството за животна средина и просторно планирање започна постапка за донесување на Закон за прогласување на Кањон Матка за споменик на природата.
Богатството и разновидноста на природните вредности (биодиверзитетот и
геодиверзитетот) се основни причини Кањонот Матка да биде рангиран како еден од најзначајните локалитети на природно наследство во државата.
Кањонот Матка е вклучен во Националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување на ЕУ, а бројните видови од Кањонот Матка се вклучени на прилозите на ЕУ Директивата за
зачувување на природните живеалишта на дивата флора и фауна (1992/43/ЕЕС) и ЕУ Директивата за зачувување на дивите птици (2009/147/ЕЗ).
Во рамки на ЕУ/УНДП проект за заштитени подрачја: „Подобрување со управување со заштитените подрачја“ (Грантова шема), во соработка на Град Скопје со УНДП и национални експерти во јуни 2020 година извршена е ревизија на Студија за валоризација
на природните вредности на заштитеното подрачје – Споменик на природата Кањон Матка во поглед на предлог измена на постоечките граници и утврдување на предлог зоните во ГИС со наративни описи и дефинирање на режимот на заштита врз основа на Студија, која беше доставена до МЖСПП заедно со Предлогот за прогласување на заштитениот локалитет Кањон Матка за споменик на природа, донесен од Советот на Град Скопје, МЖСПП го изработи Нацрт-Законот за прогласување на Кањон Матка за споменик на природата.
Репрогласувањето на Матка треба да биде финализирано со донесување на Законот. Исто така треба да биде дефиниран и управувач со заштитеното подрачје и да се формира
управувачка структура.
Нацрт законот за прогласување на Кањон Матка за споменик на природата и другите придружни документи во текот на наредниот период ќе ги објавиме на веб-страницата на
нашата институција и на порталот www.ener.gov.mk.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање