Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев прими делегација на Светската шаховска федерација (FIDE) предводена од претседателот на федерацијата Аркадиј Дворкович и којашто е во посета на нашата земја по повод 36-тиот Европски клупски куп (ЕКК) во шах, што се игра Струга.
Премиерот Заев на средбата, на која што присуствуваше и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, истакна дека во рамките на спортската дипломатија заложбата на Република Северна Македонија е да биде домаќин на што поголем број меѓународни спортски и шаховски настани со цел да ги поддржи врвните остварувања во сите спортски дисциплини и во шахот.
На средбата беше нагласено дека Владата е подготвена да ја даде потребната поддршка на Шаховската федерација на Република Северна Македонија како организатор на идните меѓународни шаховски првенства.
Во разговорот за време на средбата во која зедоа учество и претседателот на Европската шаховска федерација Зураб Азмаипарашвили, извршната директорка на FIDE Дана Озола, претседателката на Шаховската федерација на Северна Македонија, Александра Гакидова и шаховскиот велемајстор Роландо Кутиров, стана збор и за системското вклучување на шахот во образованието за што од Светската шаховска федерација се подготвени да ја дадат неопходната поддршка.
Извор: Влада