1. На половина од кампањата сме, како би го оцениле досегашниот тек?
И оваа изборна кампања како и сите минати започна со голема нееднаквост помеѓу учесниците. Самиот изборен законик ги фаворизира големите политички партии кои користат далеку повеќе државни средства отколку останатите. Останува и традицијата да партиите кои се на власт ги користат сите државни ресурси за максимална промоција. Дополнително, медиумите уште еднаш ја покажуваат својата пристрасност и наклонетост, а тоа се гледа од фактот што на јавните ТВ дебати покануваат само дел од градоначалниците за одредена општина или дел од носителите на советничките листи. Оттука, кампањата воопшто не е фер.
2. Што предвидувате околу администрацијата на локално ниво?
Департизација на работните места во општинската администрација и враќање на критериумите на стручност, компетентност и професионални квалификации. Главна цел ќе ни биде ставање на администрацијата во служба на жителите на општината, а не како досега на политичката партија на власт или Градоначалникот.
3.Кои се вашите заложби околу зголемување на транспарентноста во Општина Карпош?
Иако гледаме како секојдневно се фалат од опшината за нивото на транспарентност, сепак истото е далеку од потребното ниво. Прв чекор кон транспарентност e пренесување во живо на ите седници на советот. Исто така планираме и воведување он-лајн инспекциски сервис каде јавно ќе се гледаат сите пријави и како е постапено по истите. Јавно достапни ќе бидат и сите годишни, полугодишни, квартални буџети и други финансиски извештаи како и материјалите и записниците од седниците.
4. Како би го оцениле досегашното учество на жителите во креирањето на политиките на Општина Карпош и како мислите да го подобрите нивното учество?
Демократизацијата е на врвот на изборната програма. Децентрализацијата на јавните политики преку граѓанска партиципативност е она што ќе се практикува уште од првиот ден. Со тоа предвидуваме и целосно ставање во функција на сите месни самоуправи кои ќе бидат двигател во креирањето иницијативи и решенија за локални проблеми. Со нашите претставници во законодавната власт ќе работиме и на намалување на прагот за организирање на локални референдуми со цел да може жителите преку оваа форма на партиципативност да учествуваат во носењето на одлуки.
5.Што очекувате од жителите на Општина Карпош?
Очекувам дека ќе го направат правиот избор. Очекувам дека ќе гласаат за својата идинината на Карпош, иднината на своите деца и внуци, а не за политичките профитери кои со децении ја уништуваат општината. Затоа и повеќе од сигурен сум дека на 17 октомври карпошани ќе заокружат 15.
Извор: Javnaadministracija.mk