Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денес имаше онлајн обраќање на настанот по повод 72 години постоење на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во прилог интегралното обраќање.
„Почитуван Ректор на УКИМ, професор д-р Никола Јанкуловски
Почитуван Декан на Градежниот факултет, професор д-р Златко Србиноски
Почитувани професори
Ми претставува огромна чест да бидам присутен на една ваква свеченост, втора година по ред откако сум Министер, настан со кој се дава посебен белег од постоењето на Градежниот Факултет.
И посебно ми е драго бидејќи и јас сум дел од оваа фела и многу добро знам колку е овие образовни институции се значајни во креирање на трајни вредности во нашата држава.
72 година постоење од Градежниот факултет е доказ за долгата традиција на оваа институција, а трајните дела покажуваат колку само квалитетни кадри продуцирал овој факултет.
Ви посакувам уште долги децении успешна работа, нови научни достигнувања и поголем придонес во развојот на земјава.
Република Северна Македонија се наоѓа на европскиот пат, пат кој е исполнет со многу предизвици за нас како политичари, но и вас како стручна фела.
Верувам дека имаме заедничка визија за европска и просперитетна Македонија со модерна и квалитетна инфраструктура, но таа визија е невозможна без Ваша соработка и поддршка.
Затоа, на Градежниот факултет гледаме како партнер во реализација на Владините политики, во остврување на новите технолошките достигнувања како и креирање на економскиот раст во земјава.
Знаете, се наоѓаме во услови на голем инвестициски циклус во реализаицја на проекти во делот на патната и железничката инфраструктутра, во гасификацијата, а Градежниот факултет дава огромен придонес за реализација на овие капитални проекти.
Да не одземам време, би додал дека полека излегуваме од оваа глобална пандемија, каде градежништвото е од огромно значење за враќање на економскиот раст на земјата.
Веќе во фаза на изработка сме на нов Закон за градење, за кој имаме тесна соработка со сите релевантни институции, кои со свои забелешки придонесуваат да креираме прифатливо законско решение за унапредување на дејноста.
На крај, уште еднаш изразувам благодарност за досегашната соработка и Ви честитам за годинешниот јубилеј.“