Почна скринингот во девет средни училишта во Скопје, при што ќе се тестираат 258 средношколци. Низ државата продолжува во Кривогаштани, Берово, Вевчани, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Конче, Лозово, Могила, Новаци, Пехчево, Старо Нагоричане и Центар Жупа.
Тестирањето на учениците се спроведува во просторија одредена од училиштето, а тестирањето трае помалку од една минута. Тоа е безболно и безбедно, со земање брис од грло и од носна шуплина.
Целта на скринингот е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на вирусот Ковид-19 меѓу учениците. Со релевантните податоци ќе се добие целосна слика на трансмисија на вирусот во училиштата, во интерес на децата.
Министерството за здравство апелира на безрезервна поддршка од страна на родителите при давање на потребната согласност. Скринигот ќе обезбеди безбедно одвивање на наставата и заштита на здравјето на децата.
Извор: Министерство за здравство