spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Еден од инструментите за финансирање со Планот за забрзан раст, предвидените...

МФ: Еден од инструментите за финансирање со Планот за забрзан раст, предвидените инвестиции 750 милиони евра

Министерот за финансии, Фатмир Бесими заедно со директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски го претставија новиот Стратешки зелен инвестициски фонд креиран во рамки на Планот за забрзан економски раст. Ова е првиот инструмент, што беше претставен пред јавноста, од Планот за забрзан економски раст со кој е предвидено да се инвестираат 4 милијарди евра од јавниот сектор, кои дополнително ќе мобилизираат 8 милијарди евра приватен капитал.

Стратешкиот зелен инвестициски фонд на ТИРЗ ќе биде наменет и за домашни и за странски инвеститори, со фокус на средни и големи компании. Концептот за Фондот го развиваа заедно ТИРЗ и Светска банка во изминатите девет месеци.

„Идејата за Планот за забрзан економски раст е воспоставена уште при носењето на Буџетот за 2021 година и веќе една година се работи на овој концепт со меѓународните финансиски институции, бизнис-заедницата и сите вклучени институции. Идејата на овој концепт е да обезбедиме забрзан раст, а притоа да одговориме на потребната трансформација во целина и на дигиталната трансформација, на фискалните импликации од кризата што настана како резултат на пандемијата, а притоа да имаме фискална консолидација. Тоа може да се постигне преку инвестиции, и единствен начин за да обезбедиме раст, да ги зголемиме инвестициите, а притоа да не го зголемиме јавниот долг и буџетскиот дефицит е токму ваквиот концепт“, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими.

Според него, овој концепт не значи нови задолжувања, туку на еден денар инвестирани државни пари или пари на граѓаните, толку ќе се генерираат и пари од приватниот сектор. Односно, инструментите предвидени во Планот се дизајнирани на тој начин за да може преку нив да се привлече приватниот капитал и притоа да нема дополнително задолжување и даночно оптоварување. Со предвидените јавни инвестиции од 4 милијарди и дополнителни 8 милијарди евра приватен капитал, ќе се генерираат 12 милијарди евра што ќе значат забрзан раст, повеќе приходи во Буџетот, поголема конкурентност, а со тоа и остварување на овој план. Според министерот тоа ќе биде „убава приказна на која ќе може да ѝ се следи реализацијата и сериозно стоиме зад бројките со целата одговорност“.

Покрај Владата преку ТИРЗ, партнери во финансиската структура се и меѓународни финансиски институции како и приватни финансиери – банки, капитални фондови, поединци.

„Механизмот ќе функционира така што во Зелениот стратешки фонд државата и приватни институционални инвеститори ќе соработуваат заедно.. Со учество на државата не поголемо од 10% сакаме да поттикнеме вклучување и на приватниот капитал, пред сѐ на банките во државата, но и на оние однадвор, во проекти и инвестиции во зелена инфраструктура и технологии со кои ќе се поттикне забрзан економски раст. Со Зелениот стратешки инвестициски фонд не е предвидено никакво зголемување на јавниот долг“, појасни Деспотовски.

Повратот на финансирањето ќе биде по пат на закуп, ројалти и други основи, а распределбата на уделот на сите вклучени во Фондот ќе биде врз база на нивниот придонес во вкупниот фонд.

 

„Логиката на самото финансирање е дека инвестираме во проекти што генерираат конкретни приходи кон ТИРЗ и кон инвеститорите. Нашата цел е да се искористат дел од овие приходи за да поттикнеме вакви инвестиции. Фондот е димензиониран да поттикне 750 милиони евра инвестиции во наредните 4 години, да додадеме 1% дополнителен раст на БДП на сегашниот, и уште поважно да се креираат најмалку 15000 добро платени работни места, како и значително зголемен извоз од плус 2 милијарди над сегашниот. Имаме реални цели што можеме да ги исполниме во наредните 4 години со ваков начин на паметно финансирање“, рече Деспотовски.

Тој посочи и дека веќе се во фаза на реализација два вакви големи проекта што треба да се финансираат преку овој фонд. Веќе се подготвува студија на одржливост за инсталирање фотоволтаични централи во ТИРЗ и креирање посебна технолошко-развојна зелена зона за која една од можните локации е Гевгелија.

„Комплетната реализација на овие проекти би чинела над 120 милиони евра. Според досегашниот начин на функционирање, овие пари ќе требаше да се обезбедат од Буџетот или со задолжување. Со новиот модел што денеска го презентираме државата ќе обезбеди само 10%, а останатите 90% ќе ги добиеме од приватен извор на финансирање. Ефектот врз јавниот долг ќе биде 0 денари, а ни граѓаните ќе немаат обврски преку камати да ги исплаќаат овие проекти во наредните години“, појасни Деспотовски.

Инаку, целите на новиот фонд се олеснето финансирање на приватниот сектор за транзиција кон модерна, ефикасна и компетитивна економија со нула емисија на стакленички гасови до 2050 година, подобрена усогласеност на Северна Македонија со Софиската декларација за Зелена агенда за Западен Балкан од 2020 година и со ЕУ, намалување на фискалниот товар врз Владата и креирање фонд што ќе има мултиплицирачки ефекти преку зголемено приватно инвестирањепоттикнување забрзан економски раст преку привлекување странски и домашни инвестиции во „зелени индустрии“ и креирање работни места.

Зелениот фонд се базира на два столба, од кои првиот столб е Промоција на зелени инвестиции во Северна Македонијавклучувајќи зелени инфраструктурни капацитети за инвеститорите во зоните, енергетика, транспорт односно поврзување до главните линии во патниот и железничкиот сообраќај во земјата, како и во делот на услуги. Вториот столб се однесува на подобрување на технолошката подготвеност на домашните компании да се вклучат во глобалните синџири на набавка.

 

 

 

Извор: Министерство за финансии

Прочитајте

ДИК: Излезност – Претседателски избори 2024

0
Прочитајте и погледнете 👀👇 ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ 2024 Извор: Државна изборна комисија