spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeПолитички партииВМРО-ДПМНЕБуџет со погрешни проекции е нереален буџет

Буџет со погрешни проекции е нереален буџет

Почитувани,

Тема на прес конференцијата ќе биде буџетот на Република Македонија доставен од страна на Владата на Република Македонија до македонскиот Парламент.

Од она првична анализа што ја направивме ние ќе се задржиме на проекциите за приходите, расходите, буџетскиот дефицит, и основните ставки кои што се предвидуваат.

Имено уште на почетокот сакам да истакнам дека проекциите за буџетот 2022 година се направени погрешно.

За тековната 2021 година, која е појдовна основа за проекциите, министерството за финансии предвидува раст од 4,1%. Но високо-фрекфентните показатели за третиот квартал, од оваа тековната година упатуваат дека растот во втората половина од 2021 година најверојатно ќе биде низок или можеби негативен. Во септември 2021 година растот на индустриското производство изнесува – 8% додека градежништвото во јули и август забележува двоцифрен пад. Автомобилската индустрија во Република Македонија се соочува со сериозни проблеми во синџирите на снабдување. Сето ова упатува дека растот во 2021 година, најверојатно ќе биде значително понизок од предвидениот.

За 2022 година министерството за финансии очекува раст на БДП од високи 4,6%. Малку е веројатно дека оваа проекција ќе се оствари. Во изминатите пет години од практикување на власта од страна на СДСМ и ДУИ растот на БДП никогаш не надминал 4%. Притоа, нејасно е како ќе се оствари овој раст во услови на големи проблеми во светот со синџирите на снабдување, можната енергетска криза како и се уште присутната здравствена криза. Инфлацијата претставува дополнителен проблем, а во проекциите на министерството за финансии овие проблеми на волшебен начин исчезнуваат во втората половина од 2022 година.

Ваквите нереални проекции придонесуваат за нереално проектирање на приходната страна на буџетот. Имено, министерството за финансии предвидува раст на даночните приходи од над 10% во 2022 година. Притоа, особено висок раст од 14% се предвидува кај Данокот на додадена вредност. Истовремено министерството за финансии предвидува раст на приватната потрошувачка од 3,5% и исто толкав раст на вработеноста. Повисоката цена на нафтата на светските берзи веројатно ќе придонесе за повисоки приливи по основ на ДДВ од увоз но сепак, раст од 14% на Данокот на додадена вредност е невозможен.

Овде се поставува прашањето зошто проекциите за буџетските даночни приходи  по основ на данок на добивка и данок на личен доход за 2022 година се поставени на  толку  ниско ниво (со пораст од само 2,59% и 1,25%, респективно), а имајќи ги предвид проекциите на Владата дека БДП ќе порасне за 4,1% во 2021 година. Би било логично и финансиските резултати на компаниите односно нивните добивки да бидат поголеми од 2019-та година со што и приходите во буџетот по основ на данок  на добивка  за 2022 година би биле значително повисоки.

Дали со вака ниско проектираните приходи во Буџетот од директните даноци, а тоа се данокот на личен доход и данокот од добивка, Владата има за цел да ја покрие својата неспособност во менаџирањето на Управата за јавни приходи и нивната неефикасност во справувањето со сивата економија и реално ниската наплата на даноци?

Исто така, се прашуваме како една социјалдемократска влада во заминување сериозно отстапува од своите суштински определби во структурата на даночните приходи примат да имаат директните даноци (на доход и добивка), над индиректните даноци (на потрошувачка).

Нереално проектираните приходи даваат искривена слика и проблеми во менаџирањето со јавните финансии.

Почитувани,

На расходната страна, порастот на платите е арбитрарен и се однесува само на одредени институции. Се поставува прашањето по кои критериуми министерството за финансии утврдило кои вработени и во кои институции колкав процент на зголемување на платите ќе добијат.

Тоа навистина не е фер кон голем број вработени во државната управа и во јавниот сектор во целина.

Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, платите во овие дејности ќе растат со еднаков процент секоја година. На тој начин полицијата и војската нема да бидат дискриминирани како што е тој случај сега што проекциите за буџетот за 2022 година.

Сомнително растат буџетите на институциите задолжени за јавна безбедност. Имено Буџетот на ОТА –Оперативно техничка агенција се зголемува за цели 60%, а за 20% се зголемува и буџетот на Агенцијата за разузнавање.

Субвенциите за приватниот сектор се намалуваат како резултат на намалување на потребата за субвенционирање на претпријатијата погодени со мерките од кризата со КОВИД-19. Но овој износ би требало да се рефлектира кај буџетскиот дефицит и истиот да се врати на пред – пандемиските нивоа.

Капиталните расходи се планираат на неверојатни 37 милијарди денари. Но практиката од минатото покажа дека Владата предводена од СДСМ нема капацитет за реализација на капитални инвестиции. Највисок износ на капитални инвестиции досега Владата на СДСМ реализирала во 2017-та година и тоа во износ од околу 19 милијарди денари. Денес министерот за финансии нé убедува дека оваа иста Влада ќе реализира 37 милијарди денари капитални расходи. Ова е навистина неверојатно!

Во буџетот за 2022 година, не се предвидени никакви средства за помош на ЕЛЕМ и МЕПСО. Овие енергетски компании се во длабока криза и доколку не им се помогне, Република Македонија ќе остане без електрична енергија. Неодговорното менаџирање со секторот енергетика во изминатиот период врши и во иднина ќе врши сериозни притисоци врз државниот буџет, а сметката за последиците од ова ја плаќаат граѓаните.

Почитувани,

Министерството за финансии во буџетот за 2022 година предлага буџетски дефицит од неверојатни 33 милијарди денари. Да ве потсетам, во нормалната преткризна 2019-та година, Владата на СДСМ реализираше буџетски дефицит од 13 милијарди денари, додека Владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ реализирале највисок дефицит од 22 милијарди денари во 2014-та година која беше година одбележана од последиците од европска должничка криза. И наместо министерството за финансии да предложи фискална консолидација и постепено враќање на буџетскиот дефицит на пред-пандемиските нивоа, во буџетот за 2022 година предлагаат огромен буџетски дефицит со неверојатно образложение дека наводно„Капиталните расходи ќе бидат повисоки од буџетскиот дефицит“. Иако звучи примамливо за јавноста, ова не претставува новина. Имено, капиталните расходи во минатото се скоро секогаш или го надминуваат износот на буџетскиот дефицит, некогаш и двојно, освен 2013, 2014 година кои се години на европска должничка криза и 2020-та година – година на пандемиската рецесија.

Со ваквиот буџетски дефицит, ќе продолжи растот на јавниот долг, кој и во моментов е над критичното ниво од близу 60% од БДП.

 

 

 

Извор: ВМРО ДПМНЕ 

Прочитајте