Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, во својство на копретседавач, денес и утре во Сараево, Република Босна и Херцеговина, учествува на првиот состанок на Регионалниот форум на шефовите на ветеринарните служби од Западен Балкан.
На форумот организиран од проектот “Регионални активности за искоренување на болести во земјите од Западен Балкан”– ADEWB Project (EuropeAid/140314/DH/MULTI), кој е финансиран од Европската унија, учествуваат и високи претставници од Директоратите за здравствена заштита на животните и за здравје и безбедност на храна од ЕУ и од ветеринарните власти од Република Албанија, домаќинот Босна и Херцеговина, Република Црна Гора, Република Косово и Република Србија.
Основната цел на овој форум е да се иницираат понатамошни средби и функционалност на Регионалниот форум на шефовите на ветеринарните служби од Западен Балкан, како и понатамошна комуникација и соработка во насока на преземање на координирани активности за искоренување на болести кај животните во регионот. Денес и утре ќе бидат разменети и искуства од надлежните ветеринарни служби, особено во делот на креирање на стратегии и преземање на мерки за регионална контрола на Класична и Африканска свинска чума, развивање на национални и регионални планови за итни мерки за здравствена заштита кај животните, вели Николче Бабовски директор на АХВ.
На форумот, додава тој, ќе биде презентирана епидемиолошката состојба за некои од болестите кај животните во Западен Балкан, ќе се идентификуваат регионалните приоритети и ќе се дефинира работен план од областа на ветеринарството за идниот период.
Република Северна Македонија ќе биде домаќин и претседавач на вториот Регионален форум на шефовите на ветеринарните служби од Западен Балкан, кој според планираното треба да се одржи во втората половина на март идната година.
Извор: Агенција за храна и ветеринарство