Во Општина Центар почнавме да работиме со приоритетите кои ги ветивме, а тоа се хигиената, паркирањето и урбанизмот, рече градоначалникот Горан Герасимовски во вчерашното гостување на МТВ.
Во делот на хигиената, рече Герасимовски, општината за денес организира голема акција за чистење на сите осум основни училишта на која покрај јавната администрација се вклучуваат и вработените од ЈП ПОЦ, а повикани се и родителите, наставниците, учениците, невладините организации и сите заинтересирани граѓани. Целта на општината при ова организирано заедничко чистење, како што рече Герасимовски во МТВ, е децата да се научат од мали нозе да стекнуваат позитивни навики за чиста средина.
Што се однесува до покомплексните проекти за подигнување на нивото на хигиената во општината, Герасимовски вели дека веќе е разговарано за новиот комунален сектор, кој треба да го добие ЈП ПОЦ.
„Најпрво ќе отпочнеме со функционална анализа за да ги видиме потребите и како тој нов сектор треба да изгледа. Треба да се креираат и работни места за сите оние хигиеничари коишто досега беа без никаков стаж, ние ќе гледаме да тој проблем го затвориме и истите ги префрлиме во ЈП ПОЦ“, изјави Герасимовски на МТВ.
Директорот на ЈП ПОЦ, Васко Кичевски, кој гостуваше заедно со Герасимовски, напомена дека отворањето на новиот сектор во претпријатието е комплексен процес кој бара поголем ангажман, со цел да се исполни неговата зацртана дејност, а тоа е подигнување на хигиената во сите населби во општината.
„Се работи за комплексна операција, не е само да ги преземеме хигиеничарите од општина да бидат вработени во ЈП ПОЦ. Целта ни е нели многу поголема, да го подигнеме нивото на хигиената на целата територија на Општина Центар. За таа цел ќе ни биде потребна механизација којашто дел е земена, дел дополнително ќе ја земеме. Потребно е целосно реструктуирање на начинот на функционирање на самите хигиеничари, сѐ со цел да го добиеме она што го сакаме, а тоа е сите ние да живееме во еден почист Центар. Процесот ќе трае неколку месеци, прво е функционалната анализа, потоа следи процес на преземање, огласи итн. Сѐ тоа мислам дека до средина на годината ќе биде завршено. Градоначалникот сака утре, но сепак е процес. Не е така едноставно сето тоа да се заврши“, рече Кичевски.
Во делот на паркирањето, Герасимовски во гостувањето на МТВ рече дека веќе е договорен состанок со директорот на ПУИГ, каде треба да има нов паркинг за 210 возила, а нови паркинзи се планирани и во Буњаковец и Капиштец, каде треба да се продолжи улицата „Народен Фронт“. Општината испратила и писмо барање до ЈП „Градски паркинг“ за отстапување на градски паркинг близу улицата „Народен Фронт“, со цел да им се овозможи паркирање на граѓаните кога ќе почнат градежните работи. Герасимовски во гостувањето исто така зборуваше за пешачките зони, кои ќе бидат направени на дел од улиците во Дебар Маало.
Извор: Општина Центар