spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeСиндикатиКССБарање до пратениците во Собранието за еднаква распределба на Буџетот за плати

Барање до пратениците во Собранието за еднаква распределба на Буџетот за плати

Почитувани народни пратеници, почитувани членови на законодавната власт,

Ви се обраќаме од името на  50.000 членови на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, членови кои се вработени во јавниот сектор, членови на грански синдикати при КСС, вработени во образованието, науката, културата, здравството, полицијата, армијата, јавната и државната администрација, јавните претпријатија формирани  од Владата, со обид уште еднаш да реагираме и да ви укажеме на грешките при креирање на државниот Буџет за 2022 година, особено во делот на платите. Укажуваме во период кога во Собранието се расправа за оваа тематика односно за Буџет за 2022 година, каде секоја политичка партија изнесува аргументи по сопствено видување и убедување. Ние, како најголем и најодговорен синдикат во државата во јавниот сектор, го изнесуваме нашиот изграден став дека хаосот што е создаден последниве неколку години во методологијата на исплата на плати, воопшто нема да се амортизира со планираните зголемувања на плати од 5%  до 15% само во одредени дејности и повторно селективно на дел од корисниците на буџетските средства додека постоечките плати не се усогласат во согласност со Законот за минимална плата. Напротив, само проблемот ќе се продлабочи. Овој наш став се темели врз аргументите дека со секое зголемување на минималната плата, се повеќе работни места со различна сложеност на работата, како и различни коефициенти или бодови според Колективен договор или Закон, добиваат иста плата. Некој од вас сигурно ќе се запраша дали е ова возможно или точно?! Да, возможно е, но и точно, факт што лесно може да се провери. Ќе ве упатиме во детските градинки да проверите и да се уверите дека 7 (седум) работни места со различни бодови земаат иста (минимална) плата. Доколку проверите во основното образование, ќе се уверете колку различни работни места земаат иста (минимална) плата.  Во јавната и државна администрација референитите кои се носители на дејност се изедначија со платите на помошно-технички персонал, т.е сите примаат минимална плата.

Ваквото непринципиелно и незаконско исплаќање на плати некој ја нарекол ,,урамниловка”. Оваа урамниловка има тенденција на продолжување и продлабочување на лошата практика, особено со сé поотворените најави дека минималната плата повторно ќе се зголеми, со политичка одлука, ни повеќе ни помалку на 18.000 денари. Тоа би значело дека помошно-техничкиот персонал, односно најниското работно место по сложеност на работа, со плата буквално ќе се изедначи со носителот на дејност од кој се бара сложени и одговорни вештини и знаења. Што е уште позагрижувачки, еден од синдикатите многу гласно го поддржува кршењето на Законот за минимална плата и колективните договори и се заканува дека доколку нивното барање за продолжување на хаосот во исплата на плата не се прифати, односно минималната плата не се зголеми на 18.000 денари, ќе организираат Генерален штрајк!!!  И секако, ваквиот однос кон принципите и законите од страна на соодветниот синдикат не е случаен, од причина што повеќе од сигурно е дека има договор со надлежните за овој проблем. Доказ за тоа се изјавите за зголемување на минималната плата, без целосна примена на законот за минимална плата на еден од министрите кој има надлежност во оваа проблематика.Законот вели дека минималната плата треба да биде основна плата за секој работник а понатаму и доколку се зголеми минималната плата во рок од 6 месеци треба да се усогласат колективните договори согласно член 2 кој вели дека ,,Минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време” и член 8 став 1 кој вели ,, Постојните колективни договори ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рок од шест месеци од денот во влегувањето во сила на овој закон.”

И на крајот, не би сакале ова наше укажување да се извади од контекст и да се обвини КСС дека е против зголемување на минималната плата. Апсолутно и категорично тврдиме дека минималната плата треба да се зголемува врз основа на параметрите кои го регулираат ова прашање, меѓутоа претходно треба да се усогласат постоечките плати според Законот за минимална плата. Доколку ова не се направи, многу брзо ќе дојде времето кога хигиеничар и раководител ќе земаат иста плата. Ќе дојде време кога единствен мотив за образование ќе биде стекнување на знаења и вештини што нема да се применуваат во сопствената држава, туку некаде далеку, таму каде што се почитува трудот и законот.

Почитувани пратеници од позиција и опозиција,

Инсистираме ова наше Укажување да го сфатите многу сериозно. Сега е периодот на расправа во Собранието за идниот Буџет на државата, можност за поднесување на издржани нови предлози. КСС очекува од вас, како народни пратеници, да бидете прагматични и да ја поправите направената штета врз работниците во јавниот сектор, за да го добијат она што им следува согласно Законите и колективните договори. Впрочем сведоци сме дека секоја година имаме зголемување на буџетот за најмалку 10%, но нашите пари кои ни следуваат ги нема.

Доколку ова наше Укажување и Барање за правична распределба на буџетските средства во делот на плати не се проектира врз основа на Законот за минимална плата, во тој случај раководството на КСС, под притисок на своето членство, ќе донесе одлуки со кои ќе ги активира сите расположливи синдикални средства за одбрана и унапредување на своите права, не исклучувајќи ги и најрадикалните, а тоа се масовни протести и генерален штрајк во сите дејности во јавниот сектор.

 

 

 

 

Извор: Конфедерација на слободни синдикати на Македонија

Прочитајте

МЗ: Демири и Манолева – Здравствениот дом Охрид со реновирана Служба...

0
Министерот за здравство д-р Илир Демири и заменик министерката д-р Маја Манолева, денеска се во работна посета на Охрид, каде што ги посетуваат Здравствениот...