spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМОН: По една деценија вложуваме 224 милиони денари во развој на лаборатории,...

МОН: По една деценија вложуваме 224 милиони денари во развој на лаборатории, применливите истражувања носат економски раст и развој

Доделувањето на 224 милиони денари за развој на лабораториски ресурси научните работници го оценуваат како значаен исчекор по застојот од една деценија и веруваат дека определбата за финансирање на науката ќе остане континуиран приоритет. Во панел дискусијата посветена на апликативната наука, во рамки на конференцијата што ја организираше Министерството за образование и наука „Наука за развој, заедно е возможно“, министерката за одбрана Радмила Шекеринска нагласи дека треба да ја искористиме можноста за развој на нашата наука и на иновациите што ни ја дава членството во НАТО.

„На последниот Самит во Брисел, беше инициран нов систем на иновации DIANA (Defence Innovation Accelerator for the North Atlantic), кој ќе биде дел од цивилната компонента на НАТО и дополнително, стартуваа и со тнр. Иновационен фонд. Нашиот план како Влада е во моментот кога ќе се доближиме до таргетот 2% од БДП да одат во одбранбениот буџет, дел од тие средства да ги насочуваме кон поддршка на наука“, рече Шекеринска, додавајќи дека ќе побара поддршката од МОН и ФИТР, но и од научните центри, за да се обезбеди процесот на доделување на средствата да биде ефикасен, конкурентен и со интегритет.

За научните работници посебно е важно финансирањето на науката да биде национална определба, а не блесок на добра волја. Професорот Александар Димовски од Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија, на МАНУ,  рече дека само на тој начин е можен успех, што го гледаме и кај сите земји што инвестирале во знаење и во наука.

„Секогаш е прашањето во што да инвестирате кога станува збор за наука, на кого да му ги дадете парите. Треба и стратегиски да гледаме дали парите би се делеле рамноправно на сите по малку, или ќе се дадат парите на оние кои се докажале дека знаат да работат, дека можат за кратко време да повлечат, или ќе ги дадеме парите да ги привлечеме нашите кои се надвор па сакаат да се вратат, но бараат услови кои тука ги немаме или ќе ги дадеме парите да формираме истражувачки инситут кој го немаме, кој ќе ни даде капитална институционална рамка за развој на науката, или би останале со овие мали лаборатории што ги имаме по факултетите“, посочи Дамовски.

Кога имаме базична наука и истражувања, тие многу лесно можат да напредуваат и кон применети истражувања и тоа е најверојатно некој правец којшто неслучајно е светски и којшто треба да го следиме и ние, рече проф. д-р Марина Стефова од ПМФ, забележувајќи дека поддршката е неопходна и за базични или фундаментални како и за применети истражувања.

„Би апелирала да продолжи грижата и таа да биде континуирана и да се движиме со стратегија и компас во однос на функционирање на научно-истражувачката дејност, која пак е нужно поврзана со високото образование, а понатаму тоа ќе ни обезбеди современи теми за истражување и компетентни луѓе кои ќе излегуваат од нашите факултети, кои ќе му служат на општеството за да се движи напред кон општество на знаење, општество на способни, мотивирани и компетентни млади луѓе“, укажа Стефова.

Професорот на ФЕИТ Димитар Ташковски, истакна дека факултетите имаат знаење кое се стекнува со годините и само треба да се „спакува“, според барањата на стопанството.

„Нашето стопанство за жал нема капацитет или не сака да ги прифати овие знаења со кои располага науката. Долгорочно, ако стопанството не вложува во науката, мислам тешко дека ќе може да опстане. Ако сакаме да бидеме конкурентни, да имаме раст, ние мораме да бараме поголеми пазари, а на пазари можеме да одиме само со технологија. Мораме да инвестираме во наука и технологија која ќе биде применлива во денешно време, за да имаме раст. Во таа насока во светот нема компанија која нема оддел за истражување и развој и центри за истражување“, рече Ташковски.

Сите дискутанти нагласија дека конкурсот на МОН за финансирање на научно истражувачки проекти насочени кон развој на лабораториски ресурси ја разбудил надежта за значајни поместувања во третманот на науката, за што говори и бројноста на проектите.

 

 

 

 

 

Извор: Министерство за образование и наука 

Прочитајте