spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeПолитички партииЛевицаИницијатива за отварање на дневен центар за лица и деца со попреченост...

Иницијатива за отварање на дневен центар за лица и деца со попреченост во Ѓорче Петров

Советниците на Левица поднесоа иницијатива за отварање на дневен центат за лица и деца со попреченост во Општина Ѓорче Петров

Праксата на обележување празници и денови ширејќи демагогии и упатување честитки без дела видливи на терен мора да престане. Истото се однесува и на 3ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Упатувањето честитки делува цинично кога властите не преземаат никакви мерки за олеснување на секојдневието на лицата со попреченост.

Дневен центар наменет за лица и деца со попреченост е неопходен во општината Ѓорче Петров. Според сознанијата со кои располагаме, САМО во основните училишта на територија на Ѓорче Петров има над 100 дечиња со посебни потреби.

Очекуваме актуелниот градоначалник Александар Стојкоски да има слух за проблемите со кои секојдневно се соочуваат лицата и родителите на децата со посебни потреби и дека во најскоро време ќе пристапи кон решавање на истите, за разлика од неговиот претходник кој замижуваше пред молбите и барањата за решавање на ваквите проблеми.

Левица ќе продолжи да се бори за обезбедување на еднаква вклученост на овие лица во сите сфери на општествениот живот и создавање на соодветна средина за нивно непречено функционирање и достоинствен живот.

Иницијативата на советниците на Левица во целост:

 

ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ
ПОДНОСИТЕЛ:  ДАРЈА МУСТАФАОГЛУ – член на Советот на Општината Ѓорче Петров

 

ИНИЦИЈАТИВА – ПРЕДЛОГ

  Врз основа на член 43 став 2 од Законот за локална самоуправа („Службен Весник на Р.М.“ бр.5/2002), а во врска со член 64 став 2, член 150 и член 154 од Деловникот за работа на Советот на Општината Ѓорче Петров (Службен гласник на Општина Ѓорче Петров бр.12/2006), предлагам– иницирам:

 

Советот на Општината Ѓорче Петров да донесе соодветен акт со кој ќе се создадат услови за основање на дневен центар за деца и лица со попреченост

 

Образложение:

Членот 22 став 1 точка 7 од Законот за локална самоуправа („Службен Весник на Р.М.“ бр.5/2002) определува надлежност на општината во сферата на социјалната заштита и заштита на децата и лицата со посебни потреби.

Дека оваа е сериозна обврска на Советот на Општината насочува и членот 42 од Статутот на општината, каде е определена и посебна комисија чиј делокруг е социјална заштита и заштита на децата. Деталите на работата на оваа Комисија се дадени во членот 130 од Деловникот за работа на Советот на Општината Ѓорче Петров (Службен гласник на Општина Ѓорче Петров бр.12/2006), каде покрај другото се разгледуваат и прашањата што се однесуваат на основањето, финансирањето на изградбата, опремувањето и одржувањето на објекти oд областа на социјалната и детската заштита.

Според сознанијата со кои располагаме, на територијата на Општина Ѓорче Петров има повеќе од 100 деца со попреченост чии родители имаат потреба од основање ваков дневен центар. Кон овие деца во моментот се врши несоодветна социјална инклузија во основните училишта во кои тамошниот персонал се обидува да изврши нивно вклучување во воспитниот и образовниот процес. Но условите на училиштата се несоодветни за нивен третман кој изискува ангажман од друг вид на стручен персонал и соодветни амбиентни услови. Дневниот центар треба да овозможи определен сетепен на самостојност на децата кои ќе бидат посетители на истиот, но истовремено и определен степен на унапредување на квалитетот на функционирењето на родителите на овие специјални деца. Реализирањето на оваа иницијатива ќе ја издигне Општината Ѓорче Петров на рамниште на лидер меѓу општините во имплементирањето на одредбите од поглевјето 19 (Социјална политика и вработување) кое е неопходно во процесот на преговорите за прием во ЕУ, но и пристап кон средствата од Европскиот социјален фонд.

Со цел реализација на оваа иницијатива, особено во поглед на финансирањето на еден ваков проект кој е сериозен и ислкучително неопходен за нашата општина, може да се формира заедничка работна група со Советите на други општини за споделување на искуствата во изнаоѓањето на најоптимални финансиски и организациони решенија како и размена на информации, во смисол на член 207 од Деловникот за работа на Советот на Општината Ѓорче Петров (Службен гласник на Општина Ѓорче Петров бр.12/2006).

 

Скопје, 02.12.2021г. Подносител:Дарја Мустафаоглу

 

 

 

Извор: ЛЕВИЦА

Прочитајте

МОН: Стипендии во рамки на Словачката национална програма за мобилност

0
Амбасадата на Словачката Република во Скопје известува за повик за апликации за стипендии во рамки на Словачката национална програма за мобилност: (Slovak National Mobility Programme). Повикот...