Интегрално обраќање на Вицепремиерот Битиќи:
Почитувани граѓани, почитувани медиуми,
Драг колега, потпретседателе на Владата на Црна Гора, Дритан Абазовиќ,
Ви благодарам на топлиот пречек и гостопримството како и за можноста да оствариме уште една заедничка средба со која ја потврдуваме силната заложба за уште поинтензивна меѓусебна соработка и зацврстување на воспоставените пријателски односи помеѓу двете земји.
Имаме многу заеднички теми за дискусија, живееме во ист регион, имаме исти аспирации и се соочуваме со слични предизвици.
Со потпретседателот Абазовиќ, при неговата работна посета на Северна Македонија во март оваа година, се заложивме дека ќе продолжиме со силни напори да ја интензивираме врската помеѓу нашите две земји, во насока на развој на целиот регион на Западен Балкан.
Пораката која ја испративме на нашата претходна заедничка прес-конференција во Скопје беше „регионална конкурентност наспроти регионална конкуренција“.
За таа цел разменуваме искуства за подобрување и зајакнување на бизнис опкружувањето, не само на нашите национални економии, туку да креираме висока додадена вредност за бизнисот во еден поширок контекст на целиот регион на ЗБ.
Регионот на Западен Балкан има одлична шанса да ги искористи своите предности во овој пост ковид период и да се постави на светската мапа како мирен и стабилен регион, во кој сите соработуваме и споделуваме исти-демократски вредности. Треба да прераснеме во пример за конкурентен регион кој константно го зголемува својот удел во светската економија и кој ќе биде атрактивен за инвеститорите.
За таа цел во рамките на „Берлинскиот процес“ и преку „Коморскиот инвестициски форум“, а и на нашата претходна средба веќе зборувавме за креирање на синхронизирани политики за привлекување на инвестиции и поддршка на компании и на тој начин да создаваме можности за сите нас.
Поединечно сме сите релативно мали земји со ограничени пазари и капацитети, но заедно веќе стануваме атрактивна и привлечна дестинација за инвеститорите. Ние мораме да разбереме дека голем дел од европските компании ја научија лекцијата од Ковид-19 и размислуваат на тоа да ги приближат синџирите за снабдување блиску до своите граници, а на границите на ЕУ сме токму ние.
Да ја искористиме таа шанса и нашите компании да станат интегрален дел со висока додадена вредност во глобалните економски текови. Со оглед на нашите досегашни искуства и искуствата на земјите од регионот за привлекување на инвестиции треба да носиме афирмативни мерки кои ќе носат предвидливост и конкурентна предност на компаниите а со тоа и зголемување на извозот и зајакнување на нашите домашни економии.
Сите компании од регионот, секоја земја треба да ги третираме како домашни компании, односно да ги изедначиме условите кои тие ги добиваат со нашите политики. Дополнително со воведување на афирмативни и стимулирачки мерки да ги поттикнуваме меѓусебно да се поврзат и заедно да креираат силен вредносен ланец низ целиот регион.
Ре-фокусот на стимулирање на инвестициите на пазарот на Западен Балкан ќе креира отпорен и стабилен регионален пазар, кој ќе е конкурентен на европскиот односно светскиот пазар а истовремено ќе ги поддржува и секако расне и зајакнува националните економии.
Силните вредносни ланци се конкурентната предност на Западен Балкан во пост ковид периодот!
Секако, покрај овие стимулирачки политики, постигнувањето на овој посакуван економски развој преку зацврсување и синергија на вредносиот ланец, не е возможно без системска борба против сите форми на корупција и организиран криминал како и сива економија, кои се едни од главните кочници на развојот на нашите земји.
Во март оваа година, Република Северна Македонија усвои сеопфатен План за борба против корупцијата, во кој се инкорпорирани препораките на сите релевантни домашни и меѓународни организации и кој е потребен за да се спречи корупцијата и судирот на интереси на сите нивоа, од носителите на функции до најниските извршители во органите на државната и локалната управа.
Ова се теми кои се важни за сите граѓани, за бизнисот, за општество кое е развојно и современо, како и за остварувањето на нашите аспирации да станеме членки на Европската Унија.
Нашата нова развојна економија се темели на дигитализација на јавните услуги, но и секојдневното работење на компаниите. Ова, покрај забрзување на постапките и зголемување на квалитетот на услугите на државата и компаниите кон граѓаните, ќе придонесе и кон намалување на корупција и сива економија.
Денеска заедно со потпретседателот Абазовиќ, а подоцна на средбата и со министерот за финансии и социјална грижа, Спајиќ споделуваме искуства и знаења со кои нашите општества и економии, односно нашите граѓани ќе ги почувствуваат бенефитите од современото развојно живеење.
Нашите две земји секако аспирираат кон Европската Унија, но нашите заложби не се поттикнати од надворешни стимули само од патот кон интеграција, туку од нашата привилегија и обврска која ја имаме преземено кон нашите граѓани, а таа е креирање на услови, дома, во нивните татковини, кои ги облагородуваат нивната посветеност, желба и напорна работа.
Интегрално обраќање на Вицепремиерот Абазовиќ:
Чест ми е и задоволство што сум домаќин на ЗПВРСМ Фатмир Битиќи. Мојата прва официјална посета се случи токму во Северна Македонија ,на покана на мојот колега и првиот официјален претставник што не’ посети на почетокот на мојот мандат беше токму министерот за надворешни работи на Северна Македонија, така што нашата соработка и комуникација засега е на завидно ниво.
Така беше и порано, а се надевам дека и во иднина меѓу Црна Гора и Северна Македонија трајно ќе се развие нераскинливо пријателство што ќе се движи во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните на двете земји.
Денес со ЗПВРСМ разговаравме за сегментот што нему му е најблизок – економијата и регионалното поврзување, како еден важен политички аспект на севкупните интеграции на двете земји кон Европската унија.
Сметам дека треба да ја зголемиме меѓусебната доверба, да ги поддржиме регионалните иницијативи, да ги регулираме сите бариери што постојат на Западен Балкан и да направиме се’ што можеме да ја третираме оваа зона како едно, во економска смисла. Да бидеме поконкурентни во однос на Европската унија, а не да ја влошуваме конкурентноста меѓу нас. Мислам дека е навистина важно да пратиме порака дека сите инвеститори се добредојдени, а тука би нагласил, како што кажа г. Битиќи, дека не ги делат инвеститорите на странски и домашни, дека сите имаат еднакви права и можности. Мислам дека таквиот пример е добар и за Црна Гора. Ние мора да се отвораме кон инвеститорите, да им помагаме на големите инвеститори кои би имале силно влијание врз нашата економија и мислам дека тие примери кои беше претставени денес со конкретни предлози за соработка и кои би можеле заедно да ги сработиме, се нешто навистина корисно за двете земји.
Нашата желба и амбиција е релацијата што ја имаме со Северна Македонија, да ја имаме и со сите земји од регионот. Тоа е многу важно за Црна Гора.
Така што, доколку можеме, во текот на летните месеци, во текот на туристичката сезона, ја добиеме таа можност за проодност на границите и чувство на заедништво, тогаш тоа треба да го прошириме и вон туристичката сезона, да обезбедиме подобро поврзување на бизнисите, стопанските комори заедно да настапуваат, да видиме кои инвеститори од Северна Македонија би инвестирале во Црна Гора и кои наши компании би сакале да бидат застапени на пазарот во Северна Македонија, тоа е идеја за квалитетна соработка и ние мора да работиме на разбивање на сите предрасуди што постојат на Зпаде Балкан, за да го фатиме поволниот ветер кој, навистина, во еден момент ќе ги спои нашите судбини, а тие се такви што заедно во еден момент треба да бидеме дел од Европската унија.
Односите меѓу овие две земји се на завидно ниво, треба да послужат како пример за односите што треба да се развиваат меѓу сите други земји на Западен Балкан и уште еднаш, лично се заблагодарувам на г. Битиќи и на амбасадорот на Северна Македонија во Црна Гора и сите оние луѓе кои направија многу во изминатиов период да се подобри комуникацијата меѓу двете влади и на тој начин да пратиме една поинаква слика, една поинаква порака дека земјите од ЗБ можат да соработуваат, да бидат пријатели и дека не се гледаме како конкуренти, туку се гледаме како партнери и како браќа и сестри.
Извор: Влада