spot_imgspot_img
spot_img
spot_img

ДКСК: Соопштение

Во врска со изјавата на претседателот на Алтернатива, г-дин Африм Гаши, во однос на Иницијативата за кривично гонење заради злоупотреба на службената положба и овластување на Хусни Исмаили за време додека ја извршувал функцијата Министер за култура, што Државната комисија за спречување на корупцијата ја покрена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Државната комисија го издава следното соопштение:

Изјавата на претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, дадена на 21.12.2021 година на вестите на Сител дека се работи за „многу индикативна иницијатива започната од политички структури, целосно политизирана“, дека истата е „тенденциозна“ и дека „постојат зли сили“ зад Иницијативата на ДКСК, според ДКСК е сериозен обид за политизирање на работата на ДКСК. ДКСК ги отфрла овие наводи и инсинуации на Африм Гаши и во оваа прилика уште еднаш укажува дека во своето постапување единствено и исклучиво се раководи од надлежностите утврдени во Законот за спречување корупција и судир на интереси. Било каков обид за ставање на работата и одлучувањето на ДКСК во дневно политички интереси и изјави може само штети за напорите за спречување и борба против корупцијата во целина. Со ваквите изјави не само што се прави обид да се наштети и дискредитира работењето на ДКСК туку се прави обид и за влијание врз другите органи и институции што треба понатаму да ги проследат нејзините иницијативи и препораки, што е спротивно и на укажувањата на последните извештаи за напредокот од страна на Европската комисија во однос на ДКСК, како и неодамнешните заклучоци од Советот за општи работи на ЕУ дека треба да се почитуваат препораките од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Со цел јавноста да се запознае за постапувањето на ДКСК во конкретниот случај во продолжение следи краток преглед на постапките:

Државната комисија за спречување на корупцијата постапуваше по предметот врз основа на барање доставено од Министерството за култура од јули 2021 година, а во врска со Заклучок на Седумдесет и првата седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на ден 18.05.2021 година што се однесува на Точка 78 во однос на Информација за утврдена фактичка сосотојба од извршен преглед и контрола на проекти избрани на Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес од областа на фолклорот, музичката и музичко-сценската дејност и интердисциплинарните проекти за 2020 година.

Имено, од Министерството за култура  беше побарано да се изврши контрола на работењето на Министерството за култура во делот на законската основаност на

Договорите и Анекс на Договорите склучени на 24.07.2020 година за финансирање на проекти од наведените Годишни конкурси во 2020 година, имајќи во предвид дека истите се склучени во постизборен период (предвремени парламентарни избори) и во услови кога со ребаланс во Буџетот на Министерството за култура биле намалени финансиските средства за финансирање на проекти од национален интерес во културата. Во Извадокот од Седумдесет и првата седница на Владата на РСМ, заклучено е дека Министерството за култура има обврска да ги извести ДКСК, Државниот завод за ревизија и Управата за финансиска полиција со цел истите согласно своите надлежности утврдени со Закон да извршат контрола на работењето на Министерството за култура во делот на законскта заснованост на склучените договори и анекси на договори на 24 јули 2020 година.

При постапувањето, Државната комисија го опфати и барањето доставено исто така од Министерството за култура со прилог извештај за извршена ad-hoc ревизија  на процесот на преземени и исплатени обврски во 2020 година за буџетската програма 72 како и извештај за буџетската програма 40 и 42. Во извештаите покрај другите, се содржани и констатации и наоди за незаконски преземања на обврските при склучувањето на Договорите и Анекс на договорите во рамките на финансирањето на проекти во 2020 година.

Врз основа на наведените барања за постапување од страна на Министерството за култура и доставената документација, како и дополнително прибавената документација при обработката на предметните наводи, ДКСК спроведе детална и целосна анализа и истражување во рамките на надлежностите утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Врз основа на наодите, согласно член 17 став 1 точка 5 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, ДКСК одлучи да покрене  Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење до надлежното јавното обвинителство за службеното лице Хусни Исмаили, поранешен Министер за култура, поради постоење на основи на сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик.

 

 

 

 

 

Извор: Државна комисија за спречување на корупцијата 

Прочитајте