Советот на Општина Прилеп ја одржа редовната 6-та седница, која е прва што се пренесува во живо за јавноста по усвојување на одлуката од страна на советниците. На оваа седница беа разгледани повеќе прашања од интерес на граѓаните.
Главното прашање по кое дебатираа советниците, беше Предлог-буџетот на Општина Прилеп за 2022 година, како и одлуката за негово извршување.
Предлог-буџетот го образложи градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески кој напомена дека правната рамка од која се водел предлагачот при неговото изготвување, биле Законот за буџети и на Законот за финансирање на ЕЛС.
Интегрален текст од обраќањето на градоначалникот Борче Јовчески:
Почитуван Претседател на Советот на Општина Прилеп
Почитувани советници
Согласно на законските овластувања и надлежностите, во својство на предлагач Ви го доставувам Предлог – Буџетот на Општина Прилеп за 2022 година на Ваше понатамошно разгледување и усвојување.
Правна рамка од која што се водевме при изготвување на Предлог – Буџет на Општина Прилеп за 2022 година се:
– Законот за Буџетите,
-Законот за финансирање на Единиците на локалната самоуправа , додека појдовни основи за утврдување на Буџетските лимити во Билансот на Приходи и расходи се следните :
-Анализа на остварувањето на приходите на Буџетот за 2018, 2019 и 2020 година, согласно на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и анализата за периодот јануари-ноември 2021 година;
-Фискално прилагодување кое ќе резултира со одржување на буџетска рамнотежа во текот на целата фискална година;
-Проектирање и остварување на оптимално ниво на приходи;
-Проектирање на расходи кои ќе обезбедат рационално и наменско користење на средствата и натамошно зајакнување на контролата на потрошувачката на буџетските средства ;
Вкупните Приходи во Предлог Буџетот на Општина Прилеп за 2022 година, се проектираат на 1.411.882.000,00 (приближно една милијарда и четиристотини дванаесет милиони денари) денари, што во споредба со Буџетот за 2021 бележат пад за 11,22%, и се планира да се остварат во следните категории на приходи :
– Најголемо е учеството на приходите од дотациите со планиран вкупен износ 761,8 милиони денари,
– Даночните приходи со 249,2милиони денари ,
– Капиталните приходи со 138,8 милиони денари
– Неданочните приходи со 93,4милиони денари
– Трансферите со 130,8 милиони денари и
– Приходи од донации со учество од 34,2 милиони денари и:
-Пренесени вишоци (депозит) со 3,5милиони денари.
Приходите на Основниот Буџет за 2022 година кој што се проектирани во износ од 528 милиони денари во споредба со Буџетот за 2021 година, (со ребалансот проектиран на износ од 634 милиони денари) покажуваат намалување за 106 милиони денари, односно 16,7%. Планираните приходи во Билансот на приходи на Основниот Буџет се базираат врз приходите по основ на:
– Даноците од персонален данок во планиран износ од 15 милиони денари;
– Даноците на имот во планиран износ од 95,5 милиони денари, кое го базираме врз данокот на промет на недвижности и права и облогот од Данок на имот од правни и физички лица;
-Даноците на специфични услуги во планиран износ од 125,6 милиони денари, базирано врз Надоместокот за уредување на градежното земјиште, комуналната такса за одржување на јавното осветлување, комуналната такса за фирмарина, комуналната такса за користење на простор пред деловни простории .
– Такси за користење и дозволи за вршење дејност во планиран износ од 12,9 милиони денари, кое го базираме врз Надоместокот за одржување на јавна чистота.
– Неданочните приходи во планиран износ од 9,2 милиони денари, кое го базираме врз административните такси за списи и дејствија кај органите на општината, премиите од каско осигурување, неданочните приходи и приходите од закупнина на општински имот.
– Капиталните приходи во планиран износ од 138,8 милиони денари, кое го базираме врз приходите од приходи од продажба на градежно неизградено земјиште,приходи од продажба на општински имот, приходи од концесиски надоместоци, надомест за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и приходи од закуп на земјоделско земјиште.
– Трансфери и донаци во планиран износ од 130,8 милиони денари, кое го базираме врз Дотација на општината од приходи од ДДВ, трансфери од Јавното претпријатие за патишта на РМ и трансфери од Агенцијата за финансиска подршка во земјоделието и руралниот развој.
Факт е дека при проектирањето на Буџетот, не се раководевме од зголемување на постојните даночни оптоварувања, туку е резултат на напорите што ќе ги прави Општинската администрација преку зголемено ангажирање да оствари оптимално ниво, а притоа планираните приходи не преставуваат дополнително даночно задолжување за даночните обврзници. Врз основа на овие претпоставки ја базираме проекцијата на приходи на Основниот Буџет за 2022 година, при што цениме дека е реален и остварлив.
Вкупните расходи во Предлог Буџетот на Општина Прилеп за 2022 година, се проектираат на 1.411.882.000,00 (приближно една милијарда и четиристотини дванаесет милиони денари) денари, што во споредба со Буџетот за 2021 бележат тренд на опаѓање за 11,22%.
Од вака проектираните расходи за 2022 година, за финансирање на надлежностите од локално ниво се планираат следните расходи:
-За финансирање на основното и средното образованието, се планираат расходи во вкупен износ од 679 милиони денари;
-За финансирање на социјална заштита на деца и стари лица, се планираат расходи во вкупен износ од 137 милиони денари;
-За финансирање на Градска библиотека, се планираат расходи во износ од 12.6 милиони денари и
-За финансирање на противпожарната заштита, се планираат расходи во износ од 30 милиони денари.
Билансот на расходи на Основниот Буџет за 2022 година, проектиран е во износ од 528 милиони денари.
Со учеството на капиталните расходи во износ од 207 милиони денари или 39,27%, Основниот Буџетот за 2022 година има РАЗВОЕН карактер.
При планирањето на капиталните програми и проекти направена е максимална диверзификација на капиталните расходи со цел инкорпорирање (вградување) на гомем број на предлози и барања на месните, урбаните заедници, невладиниот сектор и бизнис секторот.
Капитални проекти и програми на кои во Буџетот за 2022 година им даваме приоритет се следните:
– 124 милиони денари наменети се за:
– Изградба и реконструкција на улици и локални патишта на територија на Општина Прилеп,
– Изградба и реконструкција на тротоари и пешачки патеки;
– Зимско одржување и заштита и за
– Одржување на хоризонтална и вертикална сигнализација на патишта на територијата на Општина Прилеп;
– 44,4 милиони денари за Изградба на градинка во населба Точила ;
– 12 милиони денари за одржување на јавната чистота;
– 35,8 милиони денари наменети се за изградба, реконструкција и одржување на Јавното осветлување и трошоци за потрошена електрична енергија;
-26 милиони денари наменети се за урбанистичко планирање;
– 7,5 милиони денари за Набавката на автобуси за Градски превоз;
-13,6 милиони денари за изградба на системи за водоснабдување, фекална и атмосферска канализација;
-5,3 милиони денари за изработка на проектна документација од нискоградба и високоградба за потребите на Општината;
-6 милиони денари за завршни работи на деловниот простор на Градски стадион.
Во Буџетот за 2022 година извршивме алокација на средства за борба против загадувањето на животната средина и амбиенталниот воздух, во износ од 5 милиони денари, со кои ќе субвенционираме набавка на инвертер клими за греење на домаќинствата и набавка на . Распределбата на овие средства ќе се реализира преку Програма усвоена од Советот на Општината:
За подршка на спортот и физичката култура планирани се 5 милиони денари.
За подршка на културните манифестаци планирани се 4,5 милиони
Буџетската подршка за финансиската стабилност и ликвидност на ЈКП е во вкупен износ од 80,2 милиони денари од кои :
-За субвенционирање на Годишните оперативни планови на ЈП за ПУП, ЈКП „Комуналец“ и ЈКП „Пазари“ планирани се 71,4 милиони денари
-За подршка на Годишните инвестициони програми на ЈКП „Комуналец“ и ЈП за ПУП планирани се 8,8 милиони денари.
Со реализирањето на Капиталните расходи од Буџетот за 2022 година , во бизнис секторот ќе бидат вратени приближно 3,3 милиони евра , што според нас ќе даде дополнителен импулс за заживување на локалната економија.
Со сите овие зафати во Комуналната инфраструктура правиме напори да се подобри квалитетот на живеење во нашата Општина, а граѓаните како даночни обврзници да го почуствуваат бенефитот од редовното плаќање на даноците на имот и комуналните такси, односно да ја почуствуват локалната самоуправа како нивен сервис.
Ви благодарам!
Со мнозинство гласови помина прелог одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на административните службеници за 2022 година и одлуката за определување на висината на благајничкиот максимум.
На денешната седница советниците ги усвоија програмите за субвенционирање на јавните комунални претпријатија и на месечните трошоци за вода на социјално ранливите категории на граѓани за 2022 година. Се усвои и Буџетскиот календар, програмата за доделување на еднократна парична помош, на секое семејство за новородено дете во Општина Прилеп за 2022 година и заклучок по Колективен договор за вработените во Општина Прилеп.
Советниците ја усвоија и Програмата за работа и развој со инвестициони вложувања и Финансиски план на ЈКП ,,Водовод и канализација’’- Прилеп, за 2022 година, како и одлуката за давање на согласнот на одлуката за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на плата.
На оваа седницата помина и финансиски план на ЈКП Комуналец Прилеп, за 2022 година, програмите за 2022 година на ова комунално претпријатие за инвестиции , за управување со отпад на територијата на Општина Прилеп, за одржување на јавна чистота, за одржување и користење на паркови, зеленило, парк-шуми и рекреативни површини, за подигање и одржување на зеленило. Исто така со мнозинство гласови беше донесена и Програмата за работа и одржување на градските гробишта и капела за 2022 година како и Програмата за работа на прифатилиште за бездомни кучиња.
Советниците на денешната седница го усвоија и решението за исправка на решението за именување на членови во управниот обдор на ЈП за ПУП, финансискиот план и програмата за работа на ова јавно претпријатие како и одлуката за давање согласност на одлуката за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платата за вработените.
Извор: Општина Прилеп