spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниСтрумица: ОТЧЕТ на градоначалникот Костадин Костадинов за сработеното во првите 100 дена...

Струмица: ОТЧЕТ на градоначалникот Костадин Костадинов за сработеното во првите 100 дена од неговиот мандат

Почитувани граѓани, мои струмичани

Поминаа точно 100 дена од кога го започнав мојот градоначалнички мандат. Сто дена заедно со мојот тим, општинската администрација и општинските јавни претпријатија работиме дисциплинирано, домаќински и вредно ги исполнуваме барањата и ветувањата кон граѓаните и ја создаваме најдобрата верзија на нашата Струмица.

 

Едно од тие ветувања е дека мојата работа ќе биде транспарентна и отчетна, граѓаните секогаш ќе знаат што работи Градоначалникот и како се трошат општинските буџетски пари. Така е и така ќе биде до последниот ден на мојот градоначалнички мандат.

Уште кога влегов во градоначалничкиот кабинет, мојот работен ден започнува во 7 часот и завршува во вечерните часови, односно, се додека не биде завршена и последната планирана обврска и одговорено на сите повици и пораки од граѓаните.

Првата теренска активност беше сериозна градежна офанзива во која беа асфалтирани 8 улица во градот со вкупна површина од 12.100 метри квадратни. Новасфалтен слој е ставен на улиците „Ценка Павлова“, „Браќа Минкови“, „Киро Абрашев“, „Тодор Циповски Мерџан“, „Коста Бозов“, „Сава Ковачевиќ“, „Цветан Димов“ и „Братство Единство“.

Му даваме нов лик на детското игралиште на улицата „Моша Пијаде“ познато како Шпики, а го започнавме и новото спортско игралиште кај Дом на АРМ.

Еден од нашите приоритети е чиста Струмица. Воведовме двосменско работење на комуналните инспектори, редовно се чистат дивите депонии, влезовите во градот и сите јавни површини. Го збогативме возниот парк на ЈПКД „Комуналец“ со половно набавени специјални возила за подигање на комунален отпад.

Го вративме одржувањето на Јавните собири со граѓаните од урбаните и месните заедници на кои заедно ги утврдивме приоритетните проекти за реализација со средства од буџетот за 2022 година. Во периодот на планирање на буџетот одржавме  и Буџетски форум на општина Струмица 2021/2022.

Ги намаливме средствата за новогодишно украсување на градот, од 1,5 милиони денари на 400 илјади денари. Се вклучивме во кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство и  гласно кажавме СТОП на секаков вид на насилство.

Го активиравме Локалниот совет за превенција на општина Струмица, седници одржуваме секоја последна среда од месецот. Резултатот е улици без диви продавачи на земјоделски и текстилни производи и зголемен број на резервирани тезги во Глобал и на пазарот Чешел. Нов предизвик ни е вандалското уништување на урбаната опрема и нелегалната трговија со отпад на улицата „Антон Панов“.

Еднаш месечно имам средба со претставници на здруженијата и организациите кои опфаќаат лица со попреченост разговараме за нивните проблеми и конкретно ги решаваме.

Обезбедивме финансиска поддршка за ангажирање на 16 лични асистенти на ученици со попреченост вклучени во редовен образовен процес. Отворивме сензорна соба во ООУ „Видое Подгорец“, втора таква во Општината.

Дотацијата за секое новороденче од досегашните 3.000 денари, ја покачивме на 6.000 денари. Во тек е Јавниот повик со кој самохраните родители кои примаат плата помала од просечната, ќе бидат целосно ослободени од плаќање за нивните дечиња во градинките.

Со буџетски средства овозможивме поддршка на Старт-ап бизниси за 20 млади невработени лица од општина Струмица во процесот на зајакнување на нивните капцитети заради започнување на свои сопствени бизниси во 2022 година.

Субвенционираме директно во цената на гасот по метар кубен за домаќинствата од 10 денари со што им излегуваме во пресрет на граѓаните во оваа енергетска криза, а со тоа влијаеме и врз намалувањето на загадувањето на воздухот. Ја подобривме енергетската ефикасност во дел од основните и средните училишта со замена на дел од старите врати и прозорци со нови.

Посебно сум горд што во овие сто дена, станавме единствена општина во државата која што има сопствен Стационар за бездомни кучиња. Второто полугодие од оваа учебна година за учениците од Добрејци започна во комплетно реконструирано училиште. Фекалната канализација во населеното место Банско се изведува според планираната динамика и досега се изведени 10 километри.

Добивме грант од ЕУ во вредност од 749.210,70 евра за тригодишниот проект Паметен Вело Град, а сме прва општина во државата која која подготвува апликација за титулата Европски главен град на младите што ја доделува Европскиот младински форум. Поддржавме голем број, културни и спортски настани и манифестации, научни симпозиуми, книги и монографии, проекти на невладиниот сектор. Во овој период интензивно работевме и работиме на подготовките за реализација на капиталните проекти коишто ги ветивме за оваа тековна година. Еве вака, јас и мојот тим работевме во првите 100 дена од мојот мандат. Продолжуваме уште повеќе и уште подобро за модерна и европска Струмица по терк на струмичани.

 

 

 

 

Извор: Општина Струмица

Прочитајте

МСПДМ: Средба на министерот Лимани со Националниот координатор на МОТ, Крстановски

0
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани се сретна со Националниот координатор на Меѓународната организација на трудот (МОТ), Емил Крстановски. На средбата Националниот...