На иницијатива на Здружението на дијабетичари на општина Битола, Градоначалникот Тони Коњановски, одржа работен состанок со претставници од ова здужение, претставници на компанијата Ново Нордиск од Скопје, фармацевти и доктори. На средбата, на која присуствуваше и пратеничката д-р Олга Лозановска, беше образложена иницијативата, општина Битола да биде првата општина каде ќе се спроведува програмата за повраток на инсулинските пенкала, како начин за повраток и менаџирање на инсулинскиот отпад.
„Загадувањето на животната средина е резултат на човечката активност во воздухот, водата или почвата, кое штетно влијае на животот и здравјето на луѓето. Лицата кои живеат во состојба на дијабетес и се корисници на инсулин, користат пластичен производ за еднократна употреба и тој е постојан нивни придружник, кој живот значи, а инсулинските пенкала завршуваат во општиот отпад во домаќинствата, што секако не треба да биде трајно решение. Со реализацијата на овој предлог ќе се постигне заштита на животната средина, а инсулинските пенкала ќе доживеат втор живот во областа на индустријата во облик на различни производи“, беше нагласено од страна на претставниците на здружението и компанијата на денешниот состанок.
Извор: Општина Битола