Во ООУ “11 Октомври”-Куманово беше отворена сензорна соба преку проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ во реализација на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“-Скопје, во партнерство со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“ –Тетово, а финансиран од Европската Унија. Сензорната соба, седма по ред во државата, е комплетна донација од општествено одговорната компанија Алфи Би-Куманово. Овој проект работи на подобрување на можностите за образование на децата со попреченост и придонесува кон развиток на инклузивен систем на основно образование, кој е отворен за сите и обезбедува висококвалитетна настава и осмислени можности за учење на ученици со попреченост, зајакнувајќи ја нивната социјална и образовна инклузија.
Тежнее кон целосен и еднаков пристап на децата со попреченост до редовните училишта, помагајќи им на училиштата во подобрување на капацитетите за осмислена инклузија преку обезбедување на пристапни и стимулативни средини за учење, како и високо квалитетна прилагодена настава за учениците со најразлични образовни посебни потреби, вклучувајќи физичка, сетилна и интелектуална попреченост. Аудитивни, визуелни и тактилни реквизити (елементи за сензорна стимулација и дестимулација, за аудитивна и дидактичка стимулација и развој, за подобрување на груба и фина моторика) се дел од опремата во сензорната соба на ООУ „11 Октомври“- Куманово, во која стручната служба и специјалниот едукатор и рехабилитатор ќе можат да работат на индивидуални третмани со учениците со образовни потешкотии. На отворањето присуствуваа претставници од Општина Куманово.
Извор: Општина Куманово