Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска го престави сработеното во првите 100 дена од мандатот. Неговата прва активност како градоначалник на општината беше отпочнување на постапка за отворање нова комунална дејност на ПОЦ, како клучно барање на граѓаните во предизборниот период.
„При стапување на функцијата веднаш се зафатив со отпочнување на постапката за отворање на нова комунална дејност во Јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар со цел да го подигнеме нивото на хигиена во нашата општина. Сите процедури околу постапките и анализите треба да завршат набрзо, по што Општина Центар ќе биде единствена скопска општина која има свое комунално претпријатие. Во меѓувреме, организиравме и големи акции за чистење во сите основни училишта, различни локации низ општината, како и во Градежниот факултет, од каде собравме повеќе од 7 тони смет. За само 100 дена општината е веќе почиста, но работа има уште многу“, изјави Герасимовски.
За раззеленување на општината, Герасимовски рече дека засадени се 1008 нискостеблести садници на потегот на ул. „Орце Николов“ и поставени 50 жардиниери на ул. „Боемска 2“, од каде се извадени бетонските топки. Притоа, тој потенцираше дека новата општинска власт поставувајќи 47 столпчиња на улицата решила голем проблем со сообраќајот кај пекарата “Силбо“, а воедно е подигната безбедноста на пешаците. Во делот на паркирањето, враќајќи ја надлежноста на улиците под општината, обезбедени се 134 резидентни паркинг места само на ул. Ленинова во Дебар Маало. Герасимовски исто така рече дека веќе е започната градежна офанзива за реконструкција на улици.
„Започнавме вистинска градежна офанзива во првите 100 дена. На почетокот на неделава започнавме со реконструкција на улицата ул. „Дебарца“ и продолжуваме со ул. „Црвена Вода“ и „Партизанска“, како дел од реконструкцијата на 14 улици во Општина Центар. Претходно поставивме нова водоводна мрежа на ул. „Отон Жупанчиќ“ во Дебар Маало“, рече Герасимовски.
Општинската власт, рече Герасимовски, извршила уплата на 35.000 евра за реконструкција на кровови и лифтови, со што овозможила обнова на 6 кровни конструкции и поправка и санација на лифтови во 9 згради. Во делот на урбанизамот тој рече дека си стои на зборот дека нема да дозволи градби кои излегуваат надвор од законот.
„Во делот на урбанизамот извршивме неколку вонредни инспекциски надзори на Водно по повод новите градби и будно ја следиме состојбата. Јас уште еднаш го повторувам моето предизборно ветување дека нема да толерираме никаква отстапка од законските прописи. На ул. „Самоилова“ на Кале веќе отстранивме нелегално изграден објект на непознат инвеститор. Стануваше збор за објект од втора категорија, со димензии 10 метри на 5.5 метри, изграден од армирано бетонска конструкција При овие интервенции клучна е дојавата од граѓаните и затоа практикувам лични средби жителите. Во неколку наврати досега на моја покана се сретнав со жителите на Водно, од ул. Мирослав Крлежа, Ленинова, жителите околу пазарчето Буњаковец и Црвениот крст. На овие средби и на отворените денови во општината секогаш присуствуваат и претставници од општинските служби, со што граѓаните директно добиваат одговори за нивните проблеми или барања. На овие средби граѓаните ме информираа дека дел од нив чекаат и по 10 години за легализација на објектите, по што потпишав 100 решенија за правна сопственост на објектите“, изјави Герасимовски.
Во првите 100 дена од мандатот Герасимовски изјави дека е исполнето предизборното барање на лицата со оштетен слух и пензионерите со кое едните добија бесплатно паркирање на сите паркинзи на ПОЦ низ целата општина, а другите нов пензионерски клуб во Беверли Хилс. За пензионерите Герасимовски рече дека општинската власт ја зголемила саатницата на услугите во проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ и воведена е административна помош од лица од општинските служби.
За инвестициите во образованието, тој спомена дека реконструирани се сите тоалети во детската градинка „13 Ноември“ во објектот „Јасмин“ и доставени се 100 прочистувачи за воздух во сите градинки и основни училишта во општината. Исто така општината за овие 100 дена доделила над 90 стипендии. Тој исто така најави дека многу наскоро започнува и доградба на училници во основното училиште „Коле Неделковски“ и изградба на првата градинка во населбата „Пролет“. Општинската власт во овие 100 дена обезбедила бесплатни стоматолошки услуги во висина од 50 000 денари за учениците од социјално ранливите категории, како и 7000 денари за 100 семејства кои имаат новороденче.
Герасимовски порача дека ќе продолжи да работи на проектите со силна мотивација, за граѓаните да ја имаат Општина Центар онака како што ја сакаат.
Извор: Општина Центар