Како резултат на напорите за меѓународно вмрежување со сродни странски институции и организации од областа на јазичните науки, преводот, толкувањето и лекторирањето, директорот на АПЈ, Илбер Села, иницира соработка и со Генералниот директорат за преведување при Европската комисија.
За таа цел, денес беше остварен онлајн состанок со претставниците од директоратот и тоа Жозефине Хедерстроем, Клаудија де Стефанис и Јована Стојковска Биртановска.
Состанокот беше одлична прилика за претставување на работата на АПЈ пред претставниците на Директоратот, воспоставување на првична комуникација и дискусија по однос на прашањата од заемен интерес.
Директорот Села се заблагодари за можноста за остварената средба и ги информираше своите соговорнички за досегашната работа на АПЈ, реализираните проекти, подготвените публикации и одржаните научни конференции, семинари и обуки, а воедно ги претстави и проектите на АПЈ за 2022 година, меѓу кои и започнувањето на вториот циклус на обуки за преведувачи и лектори; одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, кој ќе се одржи на почетокот на следната недела; промоција на научен труд во месец март оваа година, во кој се анализираат правните аспекти од употребата на јазиците во Република Северна Македонија; обуката за симултан превод за преведувачи во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје; проектот за надградба на двојазичниот контекстуален толковен речник ВЕРБИС итн.
Директорот Села го потенцираше и интересот на АПЈ да испрати дел од својот стручен тим во студиска посета на Брисел или Луксембург, каде што се лоцирани канцелариите на Генералниот директорат за преведување на Европската комисија.
Претставниците на Генералниот директорат за преведување се заблагодарија на исцрпната презентација на работата на АПЈ, се заложија за продолжување на комуникацијата со АПЈ, како и разгледување на можноста за реализација на темите кои беа предмет на дискусија на состанокот.