Инклузијата во образовниот процес на децата со посебни образовни потреби и можностите за подобрување на овој процес беше тема на разговор на завчерашната средба помеѓу министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорката на центарот за аутизам „Летај за живот“ – Тетово, Фатјона Геци.
Министерот Шаќири потенцираше дека МОН продолжува со имплементација на новата Концепција за основно образование, во чија основа е интегрирана токму инклузивноста, а тоа подразбира повеќе заложби за подобрување на условите за едукација на учениците со попреченост од сите можни аспекти и со тоа остварување на нивниот полн потенцијал.
„Годинава ангажиравме 500 образовни асистенти како поддршка на учениците со попреченост во редовните основни училишта и тие повеќе не се товар на семејствата на учениците, туку обврска на државата. Бројот на образовни асистенти може и дополнително да се зголеми, доколку тоа го утврдиме со анализата на потребите која ја спроведуваме во моментов, истакна Шаќири.
Тој додаде дека покрај училиштата, важна улога во образованието на учениците се посебни образовни потреби има и општеството, како еден од главните фактори во социјализацијата на оваа категорија ученици.
Директорката на Центарот за аутизам во Тетово, Геци истакна дека соработката помеѓу институциите на системот и граѓанските организации кои работат на ова поле треба уште повеќе да се продлабочи, затоа што и двете страни имаат идентична цел – да овозможат подобри услови за образование на учениците со попреченост.