spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаЈасната ЕУ перспектива за Северна Македонија е од стратешко значење за регионот

Јасната ЕУ перспектива за Северна Македонија е од стратешко значење за регионот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во рамките на официјалната програма на годинешната Минхенска безбедносна конференција, имаше свое обраќање на дебатата на тема „Не гледај раздвоено – Цртање на пат за ЕУ и Западен Балкан“ („Don’t look decoupled – Charting a Path for the EU and Western Balkans“).

Покрај премиерот Димитар Ковачевски со неговото воведно излагање, панелисти на оваа тематска дебата беа и премиерот на Албанија Еди Рама, потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Шмит.

Модератор на дебатата беше министерката за Европска Унија и устав на Австрија Каролина Едштадлер, а дебатата ја проследија премиерите на Бугарија и Косово Кирил Петков и Албин Курти, претседавачот на Минхенската безбедносна конференција Волфганг Ишингер, специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан Стјуарт Пич, генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка Мајлинда Брегу, како и повеќе други гости и учесници на конференцијата.

Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:

Почитувани дами и господа,

Минатата година Северна Македонија ја одбележа 30 годишнината од својата независност. Празнувањето имаше посебно значење бидејќи овој значаен јубилеј го дочекавме како полноправна, триесетта членка на НАТО.

Членството во Северно-атлантската алијанса е остварување на една од нашите најважни стратешки цели, преку која континуирано обезбедуваме сигурност, стабилност и безбедност за државата и за граѓаните.

Членството во НАТО е израз на нашиот суверен избор и нашата силна општествена согласност да станеме целосно интегрирани во демократскиот свет.

Наша еднакво важна стратешка цел, покрај членството во НАТО, е секако членството во ЕУ.

Како што знаете, Северна Македонија е земја кандидат уште од 2005 година. Тоа се цели 17 години до денес. Спогодбата за стабилизација и асоцијација, пак, ја потпишавме пред точно 21 година. Преговори, сè уште не сме почнале, и тоа секако се должи на предизвиците кои го попречија нашиот европски и интегративен пат.

Но, еве нѐ денес, сè уште на истиот тој пат, бидејќи членството во ЕУ, за нас, нема алтернатива.

За нас, ЕУ интеграцијата е прашање на прифатени највисоки западно-демократски вредности и посветеност за исполнување европски стандарди на работење во сите сфери на општеството и во сите институции.

Почитувани,

Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан не е само прашање на проширување, туку е пред сѐ прашање на заеднички стратешки ангажман. Интеграцијата значи заедничка посветеност за изградба на силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократски и цивилизациски вредности и сили.

Во тој контекст, во контекст на остварувањето на таа визија за Европа, исклучително е добра веста за одлуката на Европскиот Совет од 21 март 2020 година, со препорака за безусловен почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

За жал, оваа препорака за безусловен почеток, беше условена од блокадата на претходната влада на Бугарија. Таа блокада е сѐ уште активна.

Но, многупати досега сме покажале дека Северна Македонија е земја на пријателства и соживот. Тоа се наши автентични белези. Така светот нѐ препознава денес. Градиме пријателства. Посветени сме на изнаоѓање взаемно прифатливи решенија.

Во тој дух и во тој манир Северна Македонија ги презеде сите неопходни чекори за деблокирање на процесот на проширување на ЕУ.

Пред сѐ, посветено работевме и работиме на домашните реформи врзани со поглавјата и законодавството на ЕУ и се фокусиравме на постигнувањето на европските стандарди како предуслов за наш напредок во ЕУ интеграциите.

Но уште поважно, во духот на европските добрососедски односи, јас и бугарскиот премиер Петков во последниве два месеци, откако сме и двајцата премиери, ги интензивиравме разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија со искрена волја да направиме чекори на доближување, на соработка и на доверба за кои веруваме дека ќе нѐ однесат до решенија за нашите билатерални прашања.

Почитувани колеги и пријатели,

Западниот Балкан функционира како систем на поврзани садови. Кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи.

Блокадата на оперативниот почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија со ЕУ се чувствува низ целиот регион како сериозен удар врз довербата кон Унијата. Поради неодобрувањето на преговарачката рамка, Северна Македонија и Албанија губат драгоцено време. Но, поголемото прашање е што губи Европската Унија во овој случај.

Кредибилитетот на ЕУ е ставен под знак прашање.

Оваа ситуација го охрабрува и зајакнува интересот на трети страни во регионот. Доколку ЕУ покаже отсуство или слабост на Западен Балкан, тогаш третите страни ќе имаат повеќе можности да ја пополнат таа празнина која е исклучително важна на геостратешки план.

Затоа ЕУ мора да најде формула како да го одржи зборот и да продолжи со проширувањето на Западен Балкан. Европската Унија има обврска да покаже на дело дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Да внесе оптимизам дека европските вредности и принципи се сѐ уште реалност.

Ние со Албанија и Србија не стоиме во место кога е во прашање европеизацијата на нашите држави и општества. Постојано бараме начини за внесување европски стандарди и за олеснување и подобрување на животот на нашите граѓани.

Токму затоа и ја поведовме иницијативата Отворен Балкан како платформа за соработки, мобилност и за практикување на четирите европски слободи за движење на добра, капитал, услуги и луѓе. Отворен Балкан е одлична иницијатива но не е, не претендира да биде, ниту пак може да биде алтернатива за ЕУ.

Северна Македонија останува посветена на Берлинскиот процес и на европската перспектива, а нашата цел е една и единствена – рамноправно членство во семејството на европски народи и држави – Европската Унија.

Затоа, ве охрабрувам да ја најдете вистинската формула која ќе го забрза темпото и процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Ова секако е предизвикот за Франција како претседавач со ЕУ во овој тековен 6-месечен мандат.

Ве уверувам дека Северна Македонија продолжува по патот на реформите. Посветени сме на визијата на Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и поголема регионална соработка за економски бенефит и просперитет на сите граѓани.

Силно веруваме дека е неопходно Северна Македонија но и сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евроатлантска и ЕУ перспектива. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Потребни ни се предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ.

Денеска сме тука за уште еднаш да ја потврдиме нашата европска визија и перспектива. Да го потврдиме нашето единство, сплотеност и солидарност.

Гордо стоиме рамо до рамо со нашите партнери во ЕУ и со нашите сојузници во НАТО. Делиме исти вредности.

Обединети сме во различностите.

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Дурмиши нов претседател на ЕСС: Социјалниот дијалог е од клучно значење...

0
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши заедно со претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов и претседателката на Организацијата на работодавачи...