spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeСтатииМФ: Руско-украинската војна дополнително ќе ги затегне глобалните синџири на добавување

МФ: Руско-украинската војна дополнително ќе ги затегне глобалните синџири на добавување

Неизвесноста е единственото нешто извеснo. Оваа изрека, која потекнува уште од времето на Римската империја, најдобро ја опишува ситуацијата со која се соочува светот сега. Светската економија се опоравуваше, но покрај пандемијата, нарушувањата на глобалните синџири на снабдување и ценовните притисоци, сега таа е исправена и пред нов предизвик – руско-украинската војна.

 

Тешко е во овој момент да се зборува за исходот од оваа криза за глобалната економија. Војната по дефиниција е пораз за човештвото, особено во XXI век, кога неуспехот на дипломатските напори и ненаучените лекции од историјата се плаќаат со човечки жртви и лични трагедии. Исходот ќе зависи од тоа како ќе се одвива инвазијата и колку долго ќе трае, какви западни санкции ќе се воведуваат и дали Русија би реагирала со реципроцитет, на пример задржување на клучните испораки на гас за Европа, сајбер напади итн. Сепак, светот и особено Европа искрено се надева на брзо запирање на воените дејствија и крвопролевањето.

Како што видовме и со пандемијата, помалите прекини во еден регион можат да генерираат поголеми прекини глобално. Недостигот или порастот на цените на некои од стоките кои ги извезуваат овие земји, може да имаат ефект на снежни топки, особено бидејќи економијата е сѐ уште кревка од ударот на пандемијата. Имено, синџирите на добавување се сѐуште затегнати, понудата прави ценовни притисоци, а Федералните резерви на САД и Европската централна банка претходно најавија затегање на монетарната политика поради високата инфлација. Дополнително, политичката несигурност и нестабилност ѝ тежат на економската активност.

Намерата на овој текст е да се даде една првична анализа на макроекономските импликации на светско ниво, во европската економија и кај нас. Секако дека во овој период на неизвесност можните сценаријата се сведуваат на шпекулативни теории според тоа што се презентира од страна на светските аналитички центри.

 

Берзите во црвено, пикови на цените на нафтата и златото, брзо опоравување на криптовалутите

Видовме како во четвртокот реагираа инвеститорите на светските пазари. Цената на суровата Брент нафта за првпат по 2014 година надмина 100 САД долари за барел. Гасот надмина 1.400 долари за 1000 метрикубни. Пченицата поскапе за 5,6% на чикашката берза, додека берзите, криптовалутите, акциите на компаниите кои имаат деловни врски со двете земји, забележаа драстичен пад. Руската рубља девалвираше до таа мера, што веднаш беа затворени московската и санктпетербуршката берза. Берзанските индекси насекаде во светот забележаа пад за околу 3% – германската берза (DAX) пад од 2,8%, корејската (KOSPI) пад од 2,6%, британската (FTSE-100) пад од 2,3%, јапонската (Nikkei 225) пад од 1,8%, шангајската (SSE) пад од 1,7% итн. Најголеми загуби се забележани кај вредностите на акциите на компаниите од Русија и Украина и на оние кои се тесно поврзани со овие земји, чија цена падна за 10% до 36%. Акциите на двете најголеми руски компании „Спербанк“ и „Газпром“, кои котираат на лондонската берза, паднаа за дури 77% и 42%, но потоа надокнадија дел од загубата. Пазарот на криптовалути буквално беше потопен, со пад од околу 8% од вредноста. Биткоинот загуби околу 8% од својата вредност, додека Итириумот забележа дури и подрастичен пад.

Цените на златото, паладиумот и алуминиумот, пак, пораснаа, бидејќи инвеститорите ги насочија своите средства кон „сигурните засолништа“ на капитал во кризните времиња.

По „црниот четврток“, во петокот почнаа да се коригираат цените на некои од стоките. Така, цената на гасот падна на ниво од 1.230 САД долари, додека пазарите на капитал и криптовалутите се опоравија. Европските берзански индекси бележат раст, по падот на деветмесечниот минимум во четвртокот, бидејќи инвеститорите настојуваа да ги искористат пониските цени на акциите по овонеделната распродажба, предизвикана од стравот на влијанието на руско-украинскиот конфликт врз работењето на компаниите. И пазарот на криптовалути се опорави во петокот, со раст на Биткоинот за повеќе од 10% на 38.500 САД долари, кој преку ноќ ги поврати сите губитоци од претходниот ден. Итириумот исто така, со раст од 10,5% на околу 2.600 САД долари, по минусот од скоро 15% претходниот ден.

На што се должи ваквата реакција на инвеститорите на светските пазари и кои се ризиците кои тие ги гледаат? И зошто руската економија која е двојно помала од италијанската (која има половина од руското население), има такво силно влијание.

 

„Бензиската пумпа“ и „житницата на Европа“ во глобалните синџири на добавување

Русија е енергетска суперсила, или како што некои американски економисти ја нарекуваат- „големата бензиска пумпа“. Со производство од 9,7 милиони барели нафта дневно минатата година, таа е веднаш после Соединетите Американски Држави, или колку Канада и Ирак заедно. Понатаму, Европа добива речиси 40% од својот природен гас и 25% од својата нафта од Русија. Третина од светскиот извоз на пченица доаѓа од Русија и Украина, петтина од извозот на пченка и 80% од извозот на сончогледово масло за јадење. Некои земји се буквално зависни со увозот од овие економии. На пример Турција, која веќе е сред економска криза и се бори со инфлацијата која достигнува близу 50%. Околу 70% од вкупниот узвоз на жито на Турција е од Русија и Украина, околу 45% од вкупниот увоз на гас на Турција е од Русија, додека увозот на сурова нафта од Русија варира од 10% до третина од вкупниот увоз на Турција. Имајќи го сето ова предвид освен геостратешкиот го гледаме и економскиот контекст на засегнатоста на повеќе земји во руско-украинскиот конфликт.

Постои и голем јаз меѓу Европа и САД во поглед на изложеноста на нивните економии од кризата во Украина. Ефектите од економските санкции ќе бидат многу повисоки за европската отколку за американската економија. Најизложени економии би биле Бугарија, Естонија, Финска, Грција, Латвија, Литванија, Малта, Полска и Словачка. Во речиси сите од нив, зависноста од Русија се огледа главно преку увозот на енергенси, а во помала мера преку Русија како извозен пазар. Понатаму ќе ги издвојам главните економски последици врз европската економија коишто би можеле да настанат од руско-украинската војна.

Намалување на трговијата и странски директни инвестиции. По размената на санкции во 2014 година, најголем релативен негативен ефект во ЕУ бил почувствуван во земјите од Централнаи Источна Европа (ЦИЕ), како и во нордиските земји и Германија. Но, по размената на овие санкции имаше јасно трговско пренасочување на инвестициските текови помеѓу Русија и ЕУ. Скоро секоја земја членка на ЕУ го има намалено обемот на надворешно-трговската размена со Русија како учество во вкупната надворешно-трговска размена. Од друга страна, значително намалување има и на учеството на руските странски директни инвестиции. Според тоа, изложеноста на надворешно-трговската размена и странските директни инвестиции со Русија овојпат би била помала, но и натаму неповолно би се одразила во некои дејности.

Раст на цените на природниот гас. Рускиот извоз кон ЕУ во најголема мера се состои од минерални горива, што всушност е главниот вид на изложеност на европските економии кон Русија. Во 2020 година, степенот на изложеност се разликувал од земја до земја, а учеството на увозот на минерални горива од Русија достигнувал до 15% од БДП во некои европски земји. Најизложени подрачја во поглед на увозот на минерални горива се Балтикот, остатокот од Источна Европа и Балканот. Но, изложеноста варира во зависност од видот на суровината, па така природниот и течниот гас се сметаат за најважни. Според податоци на „Гаспром“, во 2020 година само продажбата на гас во Германија и Австрија сочинувала 60% од вкупната продажба на Гаспром во Европа. Кон крајот на 2020 година, „Гаспром“ учествувал со 12% во глобалното производство на гас и поседувал 17% од глобалните резерви на гас, што му дава изразена моќ на глобалниот пазар на гас.  Според тоа, било какви ограничувања на продажбата на гас од страна на „Гаспром“ веднаш ќе предизвикаат остро зголемување на глобалните цени на гасот.

Европските цени на енергенси значително се зголемија откако руските сили нападнаа цели низ Украина. Така цените на фјучерсите на енергенси во Германија и Холандија се зголемија од 30%-40%. Значителен раст е забележан и на цените на јагленот од над 10%. Од страна на САД и ЕУ беа најавени нови санкции кон Русија, вклучително и за ограничување на пристапот на Русија до странски валути, што се очекува да резултира со намалување на достапноста на светските пазари на суровини како што се нафта, гас, основни метали и храна.

Зголемување на стапките на инфлација. Само информациите за можноста од воведување санкции предизвикуваат пораст на цените на енергенсите и прехранбените производи, што придонесува кон дополнително зголемување на и онака високатаинфлација, особено во земјите од Централнаи Источна Европа (ЦИЕ). Домаќинствата во ЦИЕ трошат поголем дел од својот расположлив доход на енергија и храна, па многу од нив се веќе во отежната состојба, што доведува до потребата од наметнување ценовна контрола во некои земји. Понатамошниот развој на настаните и воведувањето посилни санкции само би ја влошиле оваа состојба.

Интензитетот на нарушување на пазарите ќе зависи и од тоа какви санкции ќе воведат САД и ЕУ и дали истите ќе ги опфатат секторите на нафта и гас. На пример, ако Русија биде исклучена од меѓународниот Свифт систем, плаќањата за снабдување со руски гас и нафта ќе станат невозможни. Ваква мерка ќе предизвика повикување на force majeure (vis major) клаузулите помеѓу добавувачите и ќе биде прекинато снабдувањето со драматични последици врз европските потрошувачи од аспект на достапност на горива и нивните цени. Со тоа ќе се зголеми притисокот врз залихите и стоковните резерви со кои располага Европа, кои пред интензивирањето на воените дејствија не беа со полн капацитет, а ќе биде оневозможено и нивно обновување во текот на летото.

Преку украинските гасоводи тече околу една третина од рускиот гас наменет за Европа и ескалацијата на конфликтот се очекува да ги наруши тие текови. Заради вака зголемените ризици, аналитичарите предвидуваат повисоките цени на горива да се задржат до крајот на годинава, наместо како што претходно се очекуваше нивно стабилизирање во втората половина од годината. Во ваква констелација, Европа ќе мора да се натпреварува со Азија за пристап до течен природен гас.

Намалена ликвидност и зголемени трошоци за позајмување. Финансиските институции во ЕУ би можеле да бидат засегнати од финансиските санкции, што понатаму може да има значително неповолно влијание врз ликвидноста и трошоците на задолжување. Во моментот, финансиските институции во странска сопственост контролираат средства во износ од 60 милијарди евра или 4% од вкупните средства во рускиот банкарски систем. Рајфаизен, Сосиете Женерал, Уникредит се клучните банки коишто би можеле да бидат засегнати од санкции воведени во банкарскиот сектор. Дури и да не бидат целосно наметнати, санкциите би довеле до негативни мрежни ефекти во случај банките во странска сопственост да поседуваат средства или обврски кон санкционирани правни лица, што би довело до ненадеен пад на расположливоста на ликвидни средства или зголемување на потребата од чување капитал. Во услови инвеститорите да се пренасочат кон безризични средства и злато, треба да се очекува слабеење на паричните единици и повисоки трошоци за задолжување во Централна, Источна и Југоисточна Европа. Притоа, Чешка би била најслабо засегната, додека Унгарија и Романија би се соочиле со повисок пад на вредноста на нивните парични единици и зголемување на каматните стапки на кредитите.

 

Санкциите со Русија можат да се одразат и врз европската економија, особено Германија

Со какви санкции можат ЕУ и САД да ја казнат Русија? – Една од можните санкции е секако ограничување или прекин на увозот на енергенси од Русија. Ова значи дека гасоводот Северен тек 2 нема да биде пуштен во употреба, што би ја погодило значајно Русија, но подеднакво и ЕУ, а особено Германија. Ова сценарио е помалку веројатно, бидејќи би имало значителни последици врз европската, а со тоа и врз глобалната економија.

Второ сценарио е отсекување на руските банки од пристапот до странски валути. Ова би предизвикало значителни финансиски нарушувања во Русија, намалување на кредитирањето и инвестициите, па затоа државата ќе биде неопходно да реагира со значителна финансиска поддршка на банкарскиот сектор.

Трето сценарио е забрана на извоз на високотехнолошки производи во Русија. Ова сценарио не е невозможно затоа што и натаму има високотехнолошки делови коишто Русија не може да ги набави од Кина. Од ваквата забрана би биле погодени само некои дејности, но не и руската економија во целост.

Мора да се има предвид и дека воведувањето санкции од страна на ЕУ и САД многу веројатно ќе биде проследено од воведување санкции од страна на Русија.

 

Во нашата економија ќе се рефлектираат предизвиците од европската економија

Директната изложеност на нашата земја кон руската и украинската економија е релативно мала. Увозот и извозот кон секоја од нив гравитира околу 1%. Исто така, нивната застапеност во странските директни инвестиции во земјава, како и во приливот на паричните дознаки е под 1%.

Учеството на извозот во Русија во вкупниот извоз кај нас во периодот од 2011 – 2021 година бележи благ пад, при што од 0,9% во 2011 година се намали на 0,7% во 2021 година (со остварен извоз од 47,6 милиони евра). Учеството на увозот од Русија во вкупниот увоз пак, изминатите десет години бележи значителен пад, од 6,3% во 2011 година до 1,6% во 2021 година (со остварен увоз од 147,2 милиона евра). Во Русија од кај нас, најмногу се извезуваат лекови, овошје и зеленчук, додека се увезува природен гас. Воедно, Русија е најголем увозник на природен гас во нашата земја и учествува со 96,5% во вкупниот увоз на природен гас. Во случај на поголема ескалација на воениот конфликт во Украина, ќе биде потребно да се бараат алтернативни пазари за извоз на овие производи и за снабдување со природен гас, а би можело да се очекува одреден недостиг на овој производ што би довело до покачување на цената на истиот. Во увозот од Русија во голем дел застапени се и плоснато-валани производи од железо или нелегиран челик и таа е трет најголем увозник на нив во нашата земја, по Романија и Украина. Во случај на поголема ескалација на воениот конфликт, може да се очекува одредено влијание на металопреработувачката и градежната индустрија кои ги користат овие производи и ќе биде потребно да се бараат алтернативни пазари како Србија, Турција и Кина.

Извозот кон Украина во последните 10 години се намали од 2,1% во 2011 на 0,2% во 2021 година (со остварен извоз од 14,4 милиони евра). Учеството на увозот од Украина во нашиот вкупен увоз во последните 10 години бележи намалување, од 2,2% во 2011 година на 1,3% во 2021 година (со остварен увоз од 124,3 милиони евра). Најмногу извезуваме лекови, електрични акумулатори и земјоделски производи, додека увезуваме плоснато-валани производи од железо или нелегиран челик, како што беше спомнато погоре.

Покрај директните ефекти врз македонската економија, преку трговската размена, развојот на настаните во Украина може да има и негативен ефект врз европската и глобалната економија, преку дополнителни нарушувања на синџирите за снабдување, односно негативен ефект врз странската побарувачка. Како мала и отворена економија која е високоповрзана со европската, ние би ги почуствувале тие нарушувања. Исто така, може да дојде до поголема претпазливост кај странските и домашните инвеститори, што би се одразило на нивото на инвестиции.

Ние будно ги следиме случувањата и развиваме соодветни сценарија за можните исходи. Стоковите резерви се на соодветно ниво, буџетот е ликвиден и имаме средства да реагираме доколку има потреба. Имаме и инструменти да ги ставиме на располагање за прилагодување во услови на поголеми пореметувања на пазарите.

Во насока на заштита на стандардот на граѓаните веќе преземавме соодветни мерки, преку утврдување на лимит за маржата на дел од основните производи. Државата го намали и ДДВ-то на електричната енергија за и на тој начин да се намалат трошоците кои граѓаните ја плаќаат за струјата. Понатаму, подготвени сме да носиме мерки и политики во интерес на граѓаните, првенствено за заштита на најранливите категории на граѓани, како и за поддршка на економијата.

Во вакви кризи од големо значење е темелна анализа, земање во предвид на сите параметри, дури и оние кои се чинат во моментот мали и неважни, за да се дојде до што попрецизни очекувања. Не треба да шириме ниту песимизам, ниту оптимизам, туку да бидеме реални и да преземаме активности согласно ситуацијата. Со таква стратегија дејствуваме и за време на пандемијата, кога донесовме 6 пакети на антикризни мерки за поддршка на граѓаните и стопанството и за што во сите извештаи на меѓународните институции добивавме признание дека сме дале силен и навремен одговор.

 

Фатмир Бесими, министер за финансии

 

 

 

Извор: Министерство за финансии

Прочитајте