Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со претставници на повеќе граѓански организации во земјата. Целта на средбата беше да се разменат мислења за севкупниот контекст на односи во врска со обновениот дијалог меѓу Владите на Северна Македонија и Бугарија, а беа дискутирани и актуелните надворешно – политички актуелности.
Во рамките на средбата беа споделени размислувањата за динамизирање на билатералната соработка преку реализацијата на концептот на работни групи и конкретните активности и предлози кои до сега произлегоа од нивната работа, а беа дискутирани и разменетите предлози за унапредување на соработката во повеќе области.
Беше потенцирано дека нашето општество има нужна потреба за конструктивна атмосфера за важните прашања кои ја детерминираат европската иднина на државата. На состанокот се нагласи дека оваа дебата налага искрен пристап од сите актери во земјата, при што сите треба да вложат напори за да ги надминеме и меѓусебните разлики и да изградиме заеднички позиции кои се многу потребни. Кохезивноста е клучна во овој процес, во интерес на добрососедските односи и во интерес на важноста за негувањето на хармонични односи внатре во државата меѓу сите, особено ако се има во предвид важната улога на граѓанските организации во клучните политички процеси на земјата.
Во оваа прилика, Османи го најави и одржувањето на втората конференција во рамките на Преспа Форумот за дијалог, во јуни оваа година, при што упати апел за активна вклученост и на граѓанските организации за да преку нивните предлози се обезбеди што поголема и побогата програмска содржина за Конференцијата.