Во Клубот на пратениците, а по покровителство на Министерството за надворешни работи, се одржа уште една тематска конференција од серијата РЕФЛЕКСИЈА 2030 преку која во инклузивен процес се создава и новата десетгодишна стратегија за надворешната политика на Република Северна Македонија.
Бројни аналитичари, професори и истакнати општествени чинители дебатираа на темата „СОВРЕМЕНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ ВО КОНТЕКСТ НА ГРАДЕЊЕТО НА 10 ГОДИШНАТА СТРАТЕГИЈА“.
„Ова е веројатно најважната тема која за жал ја водиме во една нова светска криза наметната преку агресијата од страна на Русија врза Украина. Ние и денес пред нас ги гледаме присутните хибридни закани и активности за хибридни упади во внатре во рамките на општествата и оттука се наметнува потребата за сѐ поголема грижа и заштита на критичната инфраструктура, пред сѐ мислам на т.н. сајбер или дигитална инфраструктура која станува поважна од онаа физичката инфраструктура, за која е потребен стратешки државен пристап“ посочи Османи,
На панелот беа отворени и темите за современите предизвици и посветеноста кон решавање на феноменот на миграцијата, хуманитарната и безбедносна заштита на бегалците,потребата за изградба на отпорен и ефикасен глобален здравствен систем, давање на одговор на прашањата поврзани со енергетската безбедност и неопходноста за пошироко општествено дејствување во справување со последиците од климатските промени.
Посебен осврт учесниците во своите обраќања посветија и на актуелната Украинска криза, кои во овие актуелности ја преокупираат надворешната политика практично низ целиот свет; во обраќањата предничеа ставовите дека актуелностите преставуваат и едно важно предупредување токму за современите закани за кои беше истакнато дека очигледно ќе се засилуваат во декадата пред нас.
„Секако дека во контекст на актуелноста добив и еден вид потврда за исправноста на државната позиција по однос на ова прашање: денес и на овој форум изразивме сериозна загриженост и целосна солидарност со украинскиот народ, силно осудувајќи ги неразбирливите и неиспровоцирани воени напади на Русија врз Украина, кои нанесуваатненадоместлива загуба на човечки животи и создаваат високи материјални штети.“ – посочи Османи во рамките на обраќањето по повод денешната конференција, посочувајќи притоа дека инвазијата од страна на Руската Федерација не може никако поинаку да се смета освен како директен акт на агресија, напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, силна повреда на основните принципи на меѓународното право, сериозен удар врз демократскиот поредок, како и сериозен удар врз безбедносната архитектура на Европа и со тоа реална закана за светскиот мир, безбедности стабилност.
Како севкупен заклучок од панелите беше констатирана неопходноста од донесување на сеопфатната и единствена Стратегија за надворешна политика, која ќе ги определени надворешно – политичките цели на државата и соодветно ќе ги адресира нашите пошироки општествени интереси, ставови, искуства и знаења.
Османи посочи дека истата ќе биде целосно прилагодена на современите демократски текови, новото геополитичко позиционирање, како и на реалните општествено-политички и економски околности во кои се наоѓа Република Северна Македонија.
На конференцијата учествуваа поранешни амбасадори, членови на Стратешкиот совет и други истакнати општествени чинители меѓу кои и поранешните амбасадори Тихомир Илиевски, Мухамед Халили, Иљаз Сабриу и Срѓан Керим; пота професорите Лидија Георгиева, Ризван Сулејмани, Марјан Ѓуровски, Нано Ружин, а свое учество имаа и Исмет Рамадани и Марко Бислимовски кој даде осврт и на актуелните енергетски предизвици со кои се соочува земјата, регионот, и целиот Континент.