Советниците на Левица во Град Скопје на петтата седница поднесоа два амандмани од кои едниот, кој се однесува на финансирање на манифестации, проекти и творештво преку кои што се остварува локалниот интерес во културата, беше прифатен.
Се работи за амандман во кој од програмската активност на ЈУ Универзална сала „Скопје Европски град на културата 2028“, за која е предвидено 5.000.000 денари, 1.000.000 денари се префрлаат за програмските активности на ЈУ Музеј на Град Скопје, и тоа 500.000 ден за програмската активност „Одбележување на 13 Ноември“ и 500.000 денари за програмската активност „Меѓународни гостувања“.
Имајќи предвид дека 13 Ноември е еден од најзначајните денови за Градот Скопје, беше потенцирано дека финансиите за програмска активност од областа на културата „Одбележување на 13 Ноември“ е недоволна и треба да се зголеми, вклучително и ставката „Меѓународни гостувања“. Според тоа, беше предложено промената да подразбира скратување од ставката „Скопје Европски град на културата 2028“ и додавање на програмските активности кои би подразбирале достоинствено чествување и одбележување на празникот 13 Ноември преку конкретни настани во зголемен обем.
Сето тоа е во корелација и со фактот дека во моментов комисија за проектот „Скопје Европски град на културата 2028“ практично и да нема, а и со тоа дека директорот на ЈУ Универзална сала е веќе со докажани обвиненија за проневери, што индицира дека и овие средства може да бидат злоупотребени.
Предложената пренамена кон споменатите активности суштински би придонеле за поголема релевантност и оправданост на овој значаен датум за Градот, со што би се ставил на мапата на сериозни културни центри, а воедно и би придонело во неговата намера да аплицира за Европски Град на културата за 2028 година.
Извор: ЛЕВИЦА