Министерот за локална самоуправа Горан Милевски оствари средба со амбасадорката на САД Кејт Мери Брнс.
На средбата министерот Милевски ги изрази својата загриженост за настаните во Украина и очекување дека Декларацијата за поддршка на Украина ќе биде безрезервно поддржана во Парламентот.
-Целосната и безрезервна поддршка на САД на демократските вредности за нас е многу важна, неприфатливо е во 21 век прашањата да се решаваат со војна, ова е време кога треба да работиме на економскиот, на социјалниот и на демократскиот развој на нашите држави и на нашето интегрирање во Европската Унија, рече Милевски кој на средбата ја информираше амбасадорката за приоритетните прашања за развој на општините. Милевски истакна дека се продлабочува фискалната децентрализација, приоритет е и институционалната децентрализација како и дигитализацијата на општинските услуги. Милевски ја истакна поддршката што УСАИД ја обезбедува во процесот на фискалната децентрализација преку зајакнување на капацитетите на општините за транспарентно и отчетно управување со јавните финансии.
Амбасадорката Брнс изрази поддршка и надеж дека реформите ќе продолжат со уште позасилено темпо, во интерес на граѓаните. Во тој контекст ја истакна важноста од соработката меѓу централната и локалните власти и ја поздрави иницијативата на Министерството за локална самоуправа за воспоставување на директна соработка на градоначалниците од земјава со нивни колеги од соседните земји, како и од земји членки на Европската Унија.
-Ја цениме вашата поддршка на Украина, заложбата за почитување на правото и на демократските вредности, нашето заедничко трансатлантско единство и решителност се најефективниот начин за да се спротивставиме на агресијата. Ние сме посветени на дипломатијата, дипломатскиот пат го обезбедува единственото трајно решение за сите, во интерес на народите и на демократијата, рече на средбата амбасадорката Брнс.
Извор: Министерство за локална самоуправа