Министерството за финансии има успешна соработка со Европската инвестициска банка која е подготвена да ја продолжи поддршката на РС Македонија во финансирањето на клучните проекти за развојот на државата во областа на енергетиката, инфраструктурното поврзување, зелената транзиција, како и во зголемување на конкурентноста на домашните компании.
Ова беше констатирано на денешната средба на министерот за финансии, Фатмир Бесими кој е домаќин на делегацијата предводена од потпретседателката на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова.
На средбата, министерот ја истакна посветеноста на Владата кон енергетската транзиција и кон промената на енергетската структура во земјата, што ќе обезбеди сигурност во снабдувањето со енергетски ресурси со фокус на обновливи извори на енергија.
На средбата стана збор за конкретните проекти што се во фаза на реализација и можностите за ново финансирање развојни проекти во земјата. Се потврди потребата за засилување на динамиката на спроведување на проектот за гасниот интерконектор со Р Грција, особено во светло на последните случувања во светот. Со овој проект се придонесува кон диверзификација на изворите на енергија, постигнување на целите за декарбонизација и енергетска ефикасност. За негова реализација министерот Бесими и Павлова веќе го потпишаа Договорот за финансирање на изградбата на гасоводот кон Грција во износ од 28,9 милиони евра. Притоа, преку инструментот ВБИФ беа обезбедени дополнителни 12,4 милиони евра како инвестициски грант, којшто ќе го управува Европската инвестициска банка. Преостанатите 16,5 милиони евра ќе се обезбедат од ЕБОР за што, исто така, беше побарана поддршка.
„Со задоволство гледаме на забрзувањето на зелената, инклузивна и одржлива транзиција на Северна Македонија преку зајакнатата соработка со нашите локални партнери. ЕИБ планира уште повеќе да ги доближи своите финансиски и технички ресурси до Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан, и тоа благодарение на новата посветена – ЕИБ Глобал. Во рамките на ЕИБ Глобал, би сакала да ја потврдам целосната поддршка од страна на ЕИБ за Северна Македонија во остварувањето на нејзините цели и реформи, согласно политиките на ЕУ и Стратегијата на ЕК за проширување. Како силен и посветен партнер на Северна Македонија, активно ќе работиме со цел да ѝ овозможиме на земјата придобивки од средствата достапни во рамките на Економскиот и инвестициски план за регионот. Покрај нашата поддршка за инфраструктурни проекти, посветени сме и на поддршката кон дигитална и енергетска транзиција на приватниот сектор“, рече Павлова.
Со поддршка од ЕИБ и ЕБОР ќе се комплетира финансирањето на проектот за целосна изградба на железничкиот Коридор 8, делницата Крива Паланка – граница со Бугарија. Министерот за финансии изрази благодарност до ЕИБ и за нивната поддршка за добивање инвестициски грант за реализација на овој проект преку инструментот ВБИФ, во износ од 149,2 милиона евра, при што ЕИБ се согласи за дополнителна техничка и целокупна поддршка со цел забрзана реализација на проектот во фазите што следат.
„Реализацијата на овој проект е еден од приоритетите на Владата, имајќи предвид дека изградбата на третата делница од железничкиот Коридор 8 е едно од клучните прашања во последните разговори со Бугарија, и воедно е стратешки проект на којшто во моментов македонско – бугарската група за транспорт активно работи. Дополнително, Владата, исто така, планира да ја заврши изградбата на западниот дел од железничката делница од Коридорот 8, поточно делницата Кичево – граница со Албанија, за што наскоро ќе испрати апликација до меѓународните финансиски институции, вклучувајќи и до ЕИБ, за изразување интерес за финансирање на овој проект“, истакна министерот Бесими на средбата со Павлова.
Во текот на средбата се дискутираше и за новиот проект за водоснабдување и третман на отпадни води со кој ќе бидат опфатени 80 општини, во вредност од 50 милиони евра, и истиот се планира да биде одобрен во Одборот на Банката до средина на оваа година. Со ова се отвора патот за реализација на овој крупен проект со што ќе се унапреди квалитетот на животот на граѓаните. Дополнително, во контекст на општинската инфраструктура се дискутираше досегашната имплементација на проектот за пречистителната станица за третман на отпадни води за Скопје, финансиран од ЕИБ и ЕБРД.
Стана збор и за можноста од дополнителна поддршка од ЕИБ преку евтина кредитна линија за мали и средни претпријатија со што ќе се поддржи енергетската транзиција. Исто така, се разговараше и за можностите на новата гарантна шема на Европската комисија за Западен Балкан EFSD+ и приоритетните области на Владата на РС Македонија.
Бесими и Павлова ја потврдија посветеноста за продолжување на одличната соработка, интензивирање на комуникацијата во следниот период, како и важноста на ЕИБ како развоен партнер на нашата земја.
Извор: Министерство за финансии