,,Транспарентното работење може да придонесе кон јакнење на институциите и на тој начин се овозможуваат квалитетни и навремени услуги за сите граѓани“, рече министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити на работниот состанок со Сандра Пернар, регионална координаторка на Партнерство за отворена власт за Европа.
На состанокот се зборуваше за претстојните активности во однос на оваа иницијатива која се координира од страна на МИОА, при што активно ќе се работи на зголемување на учеството на јавноста и испорака на значајни решенија, како што се: пристапот до правда, правно зајакнување на граѓаните и унапредување на правната заштита особено на младите маргинализирани групи и жени, унапредување на испораката на јавни услуги итн.
Министерот Алити потенцираше дека МИОА посветено работи и на процесот на координација на спроведувањето на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 и известување за сработеното како потврда за промените кои ги прави ова партнерство во нашата земја.
Сандра Пернар од своја страна ги поздрави заложбите и препознаениот потенцијал кој, како што рече, придонесе во последните три години нашата земја да биде во фокусот на меѓународната иницијатива за ПОВ имајќи ги во предвид амбициозните заложби и партнерство со засегнатите страни кои служат како модел за земјите во регионот.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација