Во рамки на заложбите на Министерството за здравство за заштита на женското здравје, токму на Меѓународниот ден на жената информираме дека почнуваме со организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка.
За закажување превентивен преглед за рана детекција на рак на грлото на матката од денеска е достапна веб платформата skrining.mk.
Со организиран скрининг оваа година се опфатени жените на возраст од 36 до 45 години, кои во последните три години немаат направено ПАП тест. Прегледот во рамки на овој скрининг за оваа возрасна група е бесплатен.
Веб платформата skrining.mk е директно поврзана со системот МојТермин и матичниот гинеколог веднаш добива информација за пријавени пациентки, по што ги известува пациентките во кој термин е закажан прегледот. Согласно распоредот предвиден во планот за ПАП тестирање, матичниот гинеколог ги повикува жените информирајќи за точниот датум и час кога треба да се направи ПАП тестот.
Мој термин во соработка со Националната комисија за рак на грло на матка изминатиот период интензивно работеше на оваа новина и за првпат на овој начин жените од предвидената група можат да се пријават да учествуваат во овој скрининг, а целта ни е да го зголемиме опфатот на жени кои ќе направат преглед, имајќи предвид дека раната детекција и превенција на ракот на грлото на матката е еднакво важна и во услови на пандемија.
Годинава се издвоени приближно 11 милиони денари за оваа потпрограма во рамки на Програмата за рана детекција на малигни заболувања.
Препорака на СЗО е жените вклучени во скринингот да се поделени во три возрасни групи и тоа од 24-35, 36-45 и 46-61 година. Интервалот на спроведување на скринингот е 3 години се со цел да се опфатат сите овие возрасни групи.
Ракот на грлото на матката ечетврт најчест тип канцер кај жените во светски рамки, а во нашата држава во просек годишно заболуваат околу 150 жени од рак на грло на матка.
Апликацијата за пријавување е достапна на следниот линк: https://skrining.zdravstvo.gov.mk/paptestapplication?fbclid=IwAR0RTatOt6bQsIdb0RsT-zQy1k2zpWYEMWMOYi3GU2vhM6DBSgHhhwP9th0
Извор: Министерство за здравство