Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ присуствуваше на брифингот со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во организација на Делегацијата на ЕУ, каде ги претстави постигнатите резултати во евроинтегративниот процес и планираните активности во периодот кој претстои.
„Отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија е важно и мојата главна порака денес до сите вас би била – да не го изгубиме овој моментум, да дадеме динамика на евроинтегративниот процес и да ја обезбедиме сигурноста и стабилноста на регионот, но и на Европа “, посочи вицепремиерот Маричиќ во обраќањето пред амбасадорите.
Маричиќ истакна дека Владата активно работи на европската агенда и зацртаните приоритети, а паралелно се водат и преговорите со Бугарија во пријателска атмосфера за доаѓање до заедничко и заемно прифатливо решение, изразувајќи уверување дека плодовите од сегашната работа ќе дојдат во месеците кои се пред нас. Во овој контекст вицепремиерот Маричиќ рече дека е крајно време сите да ги здружиме напорите и да се одржи поскоро меѓувладината седница за земјава да го започнеме патувањето кон полноправно членство во ЕУ.
Во обраќањето тој ги запозна амбасадорите и со активностите кои ќе ги реализира Секретаријатот за европски прашања во насока на спроведување на европските реформи, како и планирањата и програмирањето на развојната помош што ја обезбедува Европската Унија преку ИПА, како клучна во ефикасното спроведување на реформите. Шефот на Делегацијата на ЕУ Дејвид Гир ја потврди досегашната соработка и рече дека ќе продолжи поддршката на Унијата во реализирањето на реформите и евроинтегративниот процес на нашата земја.
На крајот, вицепремиерот Маричиќ пред амбасадорите ја истакна важноста од интегрирањето на земјите од Западен Балкан во европското семејство, за напредокот и за стабилноста не само на регионот, туку и на целиот европски континент.
„Она што го гледаме деновиве, со руската агресија врз Украина јасно покажа колку е важно да се заврши обединувањето на континентот, да се направи посилен и поотпорен на какви било сегашни или идни закани. Ова беше позицијата што ја промовиравме во последните неколку децении. Северна Македонија заслужува отворање на пристапните преговори со ЕУ и покрај сè што се случува околу нас, ние сè уште имаме позитивна енергија и оптимизам за иднината на земјата како дел од ЕУ “ рече вицепремиерот Маричиќ.