Градоначалникот Бобан Стефковски беше домаќин на околу 40 ученици и наставници од основни училишта од Полска, Шпанија и од ООУ „Кирил и Методиј“ од н.м. Стајковци од Македонија, учесници во проектот „Европа Зема Здив“.
Целта на овој проект е истражување на загадувањето на воздухот, како глобален проблем, влијанието на загадениот воздух врз човечкото здравје и подигнување на свеста кај надлежните институции и кај човекот за потребата од конкретни чекори за чист воздух. Во овој проект учествуваат и училишта од Италија и Грција.
Градоначалникот Стефковски им посака добредојде на гостите и при своето обраќање истакна дека заштитата на животната средина е на врвот од неговите приоритети.
– Нашата општина на полето на справување со загадувањето на воздухот превзема голем број на мерки, проекти и активности, помеѓу кои се: континуирано чистење на дивите депонии на територијата на општината, воведување субвенции за граѓаните за купување на велосипеди, електрични тротинети, печки на пелети и клими инвертери, со што значително ќе се подобри квалитетот на воздухот во нашата општина и пошироко. Наша цел е општина Гази Баба да биде најзелената општина во градот Скопје, поради што континуирано ги зголемуваме средствата за подигање на нови зелени површини и нови насади, ги информираше гостите градоначалникот Бобан Стефковски.
Тој рече дека паралелно се работи на подобрување на условите за образование на учениците во училиштата, со цел нашите ученици да ги имаат најдобрите услови за воспитание и развој.
Задоволство е да се знае дека голем број на наши училишта учествуваат во меѓународни проекти, во кои учениците и наставниците стекнуваат нови искуства кои ги преточуваат во секојдневното учење и воспитување. Општината секогаш кога е потребно ќе биде нивна поддршка.
Извор: Општина Гази Баба