spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКарпош: Доста е со лаги и манипулации, на спортските терени во Влае...

Карпош: Доста е со лаги и манипулации, на спортските терени во Влае нема да стави ниту една лопата БЕТОН

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски преку обраќање во живо на неговата официјална страна на Фејсбук категорично ги демантираше дезинформациите за ДУП-от во Влае 2 лиферувани преку социјалните мрежи во врска со наводни планови за градби на локацијата каде што сега се наоѓаат спортските игралишта.

Јакимовски посочи дека зад маската „Борба за Влае“ стојат две советнички од Советот на Општина Карпош кои во изминатите месеци покажале дека никогаш не се срамат да кажат лага, како и во конкретниот случај со што ја продолжуваат својата мисија на дезинформатори во Општина Карпош. – Дезинформацијата е во врска со новиот урбанистички план кој што е подготвуван во време на мојот претходник од страна на урбанистички куќи а за кој што регулациски план е подготвен од Град Скопје. Тие се обидуваат да ги излажат граѓаните на Влае 2 дека спортските терени во ова населено место, што се покрај Вардар, дека таму ќе сме правеле затворени спортски терени, дека ќе имало градби, и не знам што се уште не. Овие две особи покажуваат дека никогаш не се срамат да кажат лага, да ги вознемират граѓаните и да ја продолжат својата мисија на дезинформатори во општина Карпош, рече Јакимовски.

Градоначалникот на Карпош им порача на жителите на Влае 2 да бидат потполно спокојни гарантирајќи дека на сегашната локација на која се спортските терени нема да биде ставена ниту една лопата со бетон. – Тој дел од општина Карпош е Д3- спорт и рекреација. Таму каде што имаме спортски терени, фудбалско, кошаркарско, детско игралиште, не може да биде ништо друго освен спорт и рекреација. Тоа е место каде што не се дозволува никаква градба. Ниту било какво киоскче, ниту продавниче, или кафуле или било што… Тоа значи дека граѓаните треба да бидат потполно спокојни.

Во делот на спортските терени во Влае 2 ниту една лопата со бетон нема да биде ставена. Затоа нема никаква потреба за „борби“ во Влае 2. Поголем борец за доброто на граѓаните во Влае 2 мислам дека немало од мене со тоа што сме ги направиле овие спортски терени, сме го осветлиле кејот, сме го уредиле кејот, сите улици, рабници, тротоари… Од улица Сливовска до улица Ботун сите се реконструирани, вклучувајќи ја главната улица, основното училиште Димо Хаџи Димов чија реконструкција чинеше 850.000 евра.

Новите згради П+2 сите се издвоени со посебна водоводна мрежа, за останатиот дел од Влае да има поголема количина на вода, и решавање на сите инфраструктурни проблеми во тој дел од Влае чинеше околу 900.000 евра, рече тој. Јакимовски исто така објасни дека на територијата на Влае 2, планерите од Град Скопје вцртале градинка сметајќи дека во ова населено место нема доволно простор за детски градинки споредено со бројот на жители.

Сепак, тој соопшти дека урбанистичкиот план е изложен во месната заедница во Влае 2 каде што граѓаните имаат можност да го видат и да дадат свои забелешки кои подоцна ќе бидат разгледани од комисијата и од планерските куќи. – Не можам да разберам како некој може да се обидува да злоупотребува или да подбуцнува граѓани да се противат на изградба на објекти за детска заштита кои се однесуваат за згрижување на нашите деца токму во тој дел. Немаме намера ниту ние, ниту планерите од Град Скопје да се конфронтираат со вас граѓаните на Влае 2. Ќе го видите урбанистичкиот план, ќе си дадете свое мислење и свои забелешки.

Урбанистичкиот план е изложен во месната заедница. Граѓаните нека си го дадат своето мислење за секоја своја забелешка. Потоа комисијата заедно со планерите ќе седнат и се што е во интерес на граѓаните на Влае 2 ќе биде направено. Морам да ви кажам да не верувате на било какви дезинформации кои се обидуваат поединци да ги шират. Очигледно тие се вгнездија во советничките клупи на Општина Карпош врз база на дезинформации. Моја задача е да се борам против тие дезинформации со вистина, односно да се борам што е можно повеќе проблеми да им решиме на граѓаните во наредните три и пол години, вели Јакимовски.

Градоначалникот во видео обраќањето потенцираше дека сака што е можно побрзо да се донесе урбанистичкиот план затоа што до сега многу граѓани претрпеле големи финансиски штети поради неможноста да градат. – Ние сакаме што е можно побрзо да се донесат тие урбанистички планови за да можат граѓаните да градат. Замислете, до вчера тон железо чинеше 850 евра, од денеска тон железо чини 1200 евра, а пред осум месеци цената му беше 420 евра. Можете да замислите, сите оние што сакаат да доградат или надградат и што сите овие години чекаат на дозвола од општина Карпош дека ќе им требаат три пати повеќе пари за она што можеле да го направат пред три години со тогашните цени.

Јас сум длабоко убеден дека ние бевме избрани за да им помогнеме на граѓаните во решавањето на нивните проблеми, вклучувајќи ги и нивните станбени потреби, а не да им создаваме проблеми, рече Јакимовски.

 

 

 

 

 

Извор: Општина Карпош 

 

Прочитајте

Дурмиши нов претседател на ЕСС: Социјалниот дијалог е од клучно значење...

0
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши заедно со претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов и претседателката на Организацијата на работодавачи...