„Со процесот на деинституционализација ги остваруваме нашите заложби за едно општество за сите, за еднакви права и можности за сите наши граѓани и сегрегацијата ја менуваме со интеграција. Различностите не се нешто од што треба да се плашиме и треба да научиме да живееме со нив,“ рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на завчерашното отворање на две станбени единици за живеење со поддршка во Општина Демир Капија.
Таа истакна дека министерството продолжува да ги вложува сите свои капацитети за реализација на државните стратешки приоритети, а тоа е Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“.
„Во овие нови променети услови, најблиски до семејните, ќе живеат наши сограѓани, со обезбедена 24 часовна поддршка од стручни лица, кои ќе се грижат за нивната социјална, здравствена и емотивна благосостојба, согласно нивните потреби. На овој начин ги интегрираме во секојдневните животни текови и им обезбедуваме еднакво учество во општеството на рамноправна основа,“ рече Тренчевска.
Според градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, отворањето на двете станбени единици како дел од проектот ОАСИС каде што и самата општина е партнер, ќе бидат синоним за интеграција, инклузија и заеднички соживот.
„Како општина и градоначалник во иднина ќе ги поддржуваме сите социјални услуги во општината, лицата со попреченост ќе бидат високо во нашата агенда и во иднина ќе се залагаме да овозможиме повеќе услови за надоградување и отворање на нови иновативни социјални услуги засновани во заедницата, согласно општинскиот план за социјална заштита усвоен во 2021 година. Демир Капија е препознатлива и ќе остане во иднина како општина која нуди можности за сожителство, разбирање и почитување на сите човекови права,“ рече Петров.
” Социјалната услуга, живеење со поддршка која ја дава Здружението Хуманост како лиценциран давател, овозможува подобрување на квалитетот на животот на корисниците на оваа услуга, професионално, ефективно и ефикасно давање на услугата кон крајните корисници од страна на стручниот кадар, каде што корисникот секогаш е во центарот на вниманието, а во исто време се задоволуваат неговите потреби. На овој начин на нашите корисници им овозможуваме топол семеен дом и можност секој согласно своите интереси да си го најде своето катче,“ рече Сашко Јованов, извршен директор на „Хуманост“, лиценциран давател на социјалната услуга живеење со поддршка во Општина Демир Капија.
„Сите објекти за рехабилитација и психосоцијално зајакнување на нашите сограѓани се проекти од големо значење. Тие ја одразуваат важноста што едно општество им ја дава на потребите на најранливите лица, а со тоа и на важноста на вредностите што ги промовира,“ рече Кристина Василеска, преставник на невладината организација, KMOП.
Министерката Тренчевска изрази благодарност за поддршката на Делегацијата на Европската Унија, локалната самоуправа на Демир Капија и граѓанската организација „Хуманост“ како клучни партнери во процесот на деинституционализацијата.
Денес, помалку од 200 корисници се сместени во социјални установи или речиси за 60% е намален бројот на корисници. Тоа потврдува дека социјалните политики и активности и покрај сите предизвици на деинститционализацијата успешно се спроведуваат.