spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМК: Програми и меморандуми за суштинско забрзување на добрососедските односи

МК: Програми и меморандуми за суштинско забрзување на добрососедските односи

Во Софија, се одржа третиот состанок на четвртата Работна група за билатерална соработка меѓу Република Северна Македонија и Бугарија која во фокусот ги има културата, образованието и науката, туризмот, младите и спортот.

Во изјавата за медиумите по завршувањето на состанокот, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, истакна дека средбата која е во насока на забрзување на процесот на унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји, поминала во пријателска и конструктивна атмосфера, со размена на мислења, ставови и идеи за подобрување на соработката во сите сегменти.

„Покрај нашата работа која го опфаќа формалниот дел на односите, во практика сме сведоци дека културата и уметноста, па и туризмот и спортот немаат граници, исто како што нема граница за младите таленти од секоја област во науката“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.

Сведоци сме на голем број индивидуални успеси на гостувачки проекти во двете земји, додаде таа и посочи дека работата врз формалните документи, меморандуми и програми за соработка во голем дел ќе ги олесни и актуелизира можностите за заедничка побрза комуникација на билатерален план, а и пред европските фондови.
Министерот за образование и наука на Бугарија, академик Николај Денков пак, истакна дека средбите се одвивале во духот на пријателството и изрази задоволство од напредокот во одосите меѓу двете држави.

„Покрај формалниот дел, одржавме и неформални средби. Во сите области имаме суштински напредок и конкретни проекти, а на средбата ни се придружија и од Еразмус. Уверен сум дека со нашата работа ќе ги забрзаме процесите за унапредување на добрососедските односи помеѓу нашите две земји“, рече министерот Денков.

Министерите за култура на Северна Македонија и на Бугарија, Бисера Костадиновска Стојчевска и Атанас Атанасов, во Софија, потпишаа и Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија за периодот 2022 – 2025 година. Програмата содржи повеќе новости, меѓу кои е и можноста за поврзување на Културно информативните центри на двете земји преку заеднички проекти, отпочнување на Програмата на мали грантови за промоција на млади уметници, а активно се работи и на Календарот на настани и на Активниот оперативен план.

На состанокот во Софија на кој учествуваа и министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорите на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и на Агенцијата за млади и спорт, Марко Ѓоргиевски и Наумче Мојсовски. беа потпишани и Програма меѓу Владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија за соработка во областа на образованието и науката за периодот 2022 – 2025 година; Меморандум за соработка во областа на младите и спортот, како и Меморандум меѓу националните агенции Еразмус + и Европскиот корпус за солидарност.

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Велес: Градежни зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“

0
Почнаа градежните зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“ на Којник. Во соработка со ЈКП Дервен ќе се заменува старата дотрајана водоводна мрежа на улицата, а...