Министерот за информатичко општество и администрација, Адммирим Алити денеска го презентираше годишниот извештај за вработените во јавниот сектор за 2021 година.
Како што посочи, заклучно со 31 декември 2021 година, бројот на вработени во јавниот сектор изнесува 132.088 лица, кои својот работен ангажман го реализираат во 1.346 институции.
Од вкупниот број, 19.311 лица биле вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиска полиција. За нив, во Извештајот не се прикажуваат детални анализи поради законски и безбедносни причини. Детална обработка и презентација на податоците се врши за преостанатите 112.777 вработени лица.
Она што е за истакнување, рече министерот Алити, е дека бројот на вработените во органите на државната власт, претставува само 13% од вкупната бројка на вработени во јавниот сектор, односно вработени се 15.302 од вкупно 132.088 лица. Најголем е бројот на вработени во дејноста образование со 33%, потоа здравство 19%, управата со 13%, па вработените во комуналните дејности на јавните претпријатија со 9%, дејноста детска заштита и социјална политика со 7 %.
Во споредба со истиот период лани, бројот на вработените во јавниот сектор е зголемен, и тоа за 905.
Намалување на бројот на вработени има во органите на државната власт. Во 2020 година биле вработени 15.945 лица, а во 2021 година бројката е 15.302, што е намалување за 643 вработувања.
Во 2021 година е зголемен бројот на вработени лица со високо образовни квалификации. Повеќе од половината, односно 52,6% од вработените лица во јавниот сектор имаат најмалку високо образование, а 4753 се магистри и 2575 лица доктори на науки. Жените се застапени во поголем број со 55,3%, наспроти мажите со 44,7%. Просечната возраст на вработените е 46 години.
Во однос на етничката припадност, на ниво на цел јавен сектор: Македонците се застапени со 73,57%, Албанците со 20,35%, Турците со 1,95%, Ромите 1,19%, Србите се 1,07%, Бошњаците со 0,49%, Власите 0,43% и не се изјасниле 0.9%.
Како втора тема на која се осврна министерот Алити, беа активностите на Министерството за информатичко општество и администрација како координатор на ИПА 2017 проектот ,,Поддршка на државната реорганизација“, со кој се предвидени едни од најхрабрите промени во администрацијата.
Еден од најважните производи на проектот е Интегрираниот извештај, кој ги сумира сите предлози за реорганизација и претставува патоказ, веќе е усвоен од страна на Владата. Се донесе одлука Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за економија да бидат пилот министерски системи и фазата на подготовка веќе е отпочната.
На крајот, министерот Алити се осврна и на драфт законите: Законот за висока раководна служба, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници, процес којшто е во крајна фаза. Истите се објавија на ЕНЕР со цел обезбедување на транспарентност во процесот и вклучување на засегнатите страни.
Со овие закони како што посочи, меѓу другото, ќе се придонесе за: разграничување на политичкото од професионалното ниво, утврдување на линиите на отчетност на високите раководители, унапредување на јавните услуги, зајакнување на доброто владеење; вработувања согласно мерит системот, поедноставување на постапките во однос на систематизацијата на работните места и годишните планови, како и дополнително мотивирање на вработените и нов систем на пресметка на плата.
Извор: Влада