spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeИнтервјуаНацков: Бесплатен престој за децата во градинката, бесплатен оброк за основците до...

Нацков: Бесплатен престој за децата во градинката, бесплатен оброк за основците до 5-тто одделение и стипендии за најдобрите ученици и студенти

 

1. Градоначалик Киро Нацков, Вие сте градоначалник во својот прв мандат на општина Градско. Каде се наоѓа општината и по што е значајна за државата?

Општина Градско се наоѓа во централниот дел на РМ, опфаќа територија од 290км² и покрај седиштето на општината – населбата Градско, во општината има уште 16 населени места. Националната, демографската структура на населението е хетерогена, со доминантно македонско население.
Ние сме општина во центарот на Македонија која што на својата територија има богата земја, го имаме Подлешкото езеро, планината Клепа, реките Вардар, Црна Река и Брегалница, најмногу сончеви денови во годината, но имаме и најмалку дожд.
Општина Градско е значајна е по многу нешта, но јас ќе издвојам три од нив: Градско е главна крстосница на меѓународен и регионален сообраќај (патен и железнички), археолошкиот локалитет Стоби кој што е многу значаен за историјата на Македонија и чистата, незагадена животна средина погодна за развој на земјоделството и туризмот, ловен, риболовен, селски или културен.

2. Кои се клучните проекти што ги реализиравте во првите 100 дена од Вашиот мандат?

100 дена е многу краток период за реализирање на капитални проекти, но доволен да се постави рамката на развој, да се определат приоритетите, да се отпочне со изработка на проектите и да се анимираат потенцијалните инвеститори. За време од првите 100 дена од мојот мандат во општината се отпочнати и реализирани 16 проекти. Она што би сакал да го издвојам е особено важно за родителите и децата од Градско е дека е реализирана пренамена на буџетски средства за комплетно покривање на трошоците во детската градинка „Кокичиња“, што значи престојот на децата од нашата општина во градинката е целосно бесплатен. Исто така, општина Градско обезбедува и еден оброк за учениците од прво до петто одделение во училиштето„Даме Груев“, почнувајќи од септември 2022. Тие трошоци целосно ќе бидат на товар на општината.Како општина сме особено горди што успеавме од општинскиот буџет за 2022 година да издвоиме средства за стипендирање на еден најдобар студент, еден најдобар средношколец и еден најдобар основец.Понатаму, асфалтирани се улици во населба Градско, во с. Старо Градско, направени се неколку реконструкции и во фаза на реализација се неколку проекти во с. Виничани и с. Чичево. На неколку улици во населба Градско е реконструирана и атмосферската канализација. Во фаза на тендерирање е изградбата на дел од локалниот пат с. Горно Чичево до Манастир Св. Архангел Михаил, а во тек е тампонирање на пристапен пат до земјоделски површини во с.Виничани во должина од 900 метри. За село Виничани е изработен и основен проект за Партерно уредување на две селски чешми и обезбедени се финансиски средства за реализација на истиот со сопствени средства од буџетот на општина Градско за 2022 година. Се прават напори за реализација и на проектот за Изградба на обиколница во населбата Градско. Во фаза на реализација е и проектот за Подобрување на водоснабдувањето во Градско со питка вода за пиење со два цевковод. Успеавме да ја исчистиме депонијата во населено место Градско, , а во моментов е во тек изградбата на капела кај селските гробишта во село Старо Градско, а обезбедени се средства во Буџетот за 2022 година на Општината и за купување на земјиште за нови гробни места.

 

3. Какви реформи следуваат во општинската администрација во Општина Градско за време на Вашиот мандат како градоначалник? Кои се Вашите мерки и идеи во таа насока?

 

Реформите се целосно во согласност со Законот за локална самоуправа и Законот за административни службеници. Ништо надвор од законот. Како што се ослободуваат работни места по основ на кадар способен да одговори на задачите што се очекуваат од него.

4. Многу од општините поттпишаа или веќе имаат потпишано Колективен договор кој што ги штити работничките права на вработените во администрацијата. Како се правно-формално заштитени вработените во општинската адмиистрација во Градско, со оглед на тоа дека е една од помалите општини во Македонија?

Општина Градско до сега немала Колективен договор. Во моментов се работи на негово изготвување и во најкраток можен рок ќе биде донесен. Но правно-формално сите вработени во одминистрацијата ги штитат законите за работни односи, за административни службеници и локална самоуправа. Голема или мала, општината има свои надлежности и одговорности. Разликата меѓу нас и големите општини е во тоа што за секоја област големите општини имаат по два или три извршители, додека кај нас се случува еден службеник да покрива повеќе области, но сепак во ниеден поглед не заостануваме зад големите општини. Единствено што инспекцискиот надзор по пат на меѓуопштинска соработка го извршуваат инспектори од поголемите општини, но тоа не прави поажурни и повнимателни во работата.

5. На кој начин како менаџер ги стимулирате и мотивирате вработените во општина Градско?

На сите вработени им се исплаќаат законските надоместоци. За прв пат изминатата година на вработените им се исплати надоместок за регрес на годишен одмор. Штом ќе исполни критериум за унапредување, секој вработен има право да го зголеми своето звање ако за тоа постојат услови во актот за систематизација. Исто така, на сите обуки кои што се потребни за усовршување на вработените, задолжително присуствуваат. Активно се вклучени и на семинари и работилници согласно областа што ја покриваат доколку за тоа покажат интерес, дали се работи за лично усовршување или ако е тоа во интерес на подобро функционирање на општината.

 

6. Каков вид на инвестиции и капитални проекти планирате да привлечете во општина Градско?

 

По што е позната општината и што би било од големо значење за државата доколку би се инвестирало таму?
Согласно понудените области што ги финансира Бирото за регионален развој, надлежните Министерства, амбасадите во РМ, различните европски фондови и организации, општина Градско ги аплицира своите проекти. Најчесто тие се од сегментот на инфраструктурата, образованието, поттикнување на земјоделството и негови преработки, социјалната и комуналната сфера.

 

7. Постои ли партиска нетрпеливост помеѓу вработените во општинската администрација и на кој начин се менаџираат односите меѓу нив?

 

Оваа промена на власта не е прва во општина Градско. Овие вработени работеле и под раководство на СДСМ и под раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Партиската припадност секој може да си ја искаже надвор од работното време. Ниту јас, ниту било кој вработен не смее да извршува партиски активности за време на работа. Во почетокот некои од вработените се плашеа за својот статус, ја примаа промената со резерва, но се уверија дека секој што совесно и одговорно си ја врши работата за која што е платен, нема зошто да покажува нетрпеливост. Нема ништо особено и посебно во овој тип на менаџирање. Се трудам максимално работното време да го поминувам во општината, да остварувам коректна и културна комуникација и да им покажам дека не ме оптеретува нивната партиска определба. Верувајте, тоа успева.

 

 

 

 

 

Извор: Javnaadministracija.mk

Прочитајте

МЗШВ: Николовски во посета на малата винарија Киево во Карбинци –...

0
Заедно со земјоделците имаме постигнато многу резултати во земјоделството. Нема населено место низ државата каде нема да сретнете некоја успешна земјоделска приказна. Поддржана токму...