Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски ги отфрли шпекулациите дека за отворените прашања со Бугарија се постигнало решение зад затворени врати и нагласи разговорите продолжуваат на ниво на министерствата за надворешни работи што беше потврдено и за време на викендот со средбите на министерствата во Скопје.
„Во моментот кога ќе има решение што е прифатливо за двете страни, коешто се базира на европски вредности, кое го задржува достоинството на граѓаните на двете држави и ќе биде прифатливо за двете страни, ќе може да биде споделено со институциите“, истакна Ковачевски.
Премиерот Ковачевски го изрази своето цврсто уверување дека залагањето на францускиот претседател Макрон и Министерството за надворешни работи на Франција, се со цел оваа тема да се стави високо на агендата на претседателствувањето на Франција со ЕУ.
„Во рамки на нивните ингеренции и капацитет тие помагаат во фасилитирање на разговорите помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија меѓутоа не постои конкретен предлог. Ние како соседи треба да изнајдеме решение кое ќе биде основа за градење добрососедски односи за иднината и кое ќе претставува основа за одржување на првата меѓувладина конференција за нашата државата“, посочи Ковачевски.
Извор: Влада