Младите таленти ќе ја промовираат културата и ќе го негуваат културното наследство преку добрата практика на транснационалната културна соработка меѓу Република Северна Македонија и Европската комисија, се согласија министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска и генералната директорка за образование, млади, спорт и култура на Европската комисија, Темис Кристофиду, кои се сретнаа во Брисел, Белгија.
Соработката ќе продолжи и во рамките на Програмата „Креативна Европа“, активностите во Агендата за Западен Балкан и Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија каде што Република Северна Македонија има голем број искуства на квалитетни проекти, особено во програмите за прекугранична соработка.
– Задоволни сме од резултатите постигнати со спроведувањето на претходниот циклус на Програмата „Креативна Европа“ преку што Министерството за култура дава поддршка на современите предизвици со кои се соочуваат културните и креативните сектори. Имаме реализирано национално учество за последните две години од страна на Министерството за култура и Агенцијата за филм за потпрограмите Култура и МЕДИА во износ од 313.000 евра, а ко-финансирани од наша страна како министерство за 2021 и 2022 година се 20 проекти во висина од 166.683 евра. Оваа година ќе се отворат и две нови програми од страна на ЕУ, за кои како земја може да аплицираме, едната програма е за индивидуалци или група на млади таленти во културата и другата програма е наменета за граѓанските организации кои се активни и сакаат да дадат придонес во културата, истакна министерката.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека нашата држава активно учествува во новата програма 2021 – 2027 и изрази уверување дека Северна Македонија останува партнер на Европската комисија не само во посветеноста за техничка помош кон олеснување на пристапот кон програмата, туку и со значителна финансиска поддршка на македонските корисници преку механизмот за кофинансирање на Министерството за култура и Агенцијата за филм.
На средбата беа разгледани и резултатите од иницијативите и активностите во рамките на остварувањето на Агендата за Западен Балкан на ЕУ – Култура.
– Oсобено радува фактот што на претстојниот министерски состанок во Тирана, закажан за 27 и 28 јуни, за прв пат ќе се воспостави платформата за култура во рамките на оваа агенда. Токму преку оваа платформа која е со цел обединети во различноста ќе произлезат конкретни регионални проекти кои ќе придонесат кон подобрување на социо-економскиот и културниот развој и препознатливост на самиот регион во рамките на европското семејство, рече министерката за култура.
Тие исто така разговараа и за Инструментот за претпристапна помош на ЕУ, каде што има одличен интензитет на зближување на професионалците, културните работници и општините, благодарение на нивното заедничко дејствување под покровителство на Европската Унија.
Извор: Влада