Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија ве информира за уште еден успех во подобрување на работничките права за којшто во изминатиот период работиме напорно и посветено. Имено, денеска на средба со градоначалникот на општина Битола, Г-динот Тони Коњаноски беше договорено зголемување на платите за 2,806 денари во локалната самоуправа и во јавните претпријатија кои се под нивна ингеренција. Мораме да се заблагодариме на раководството на општина Битола и сите директори на јавните претпријатија на разбрирањето коешто го покажаа во делот на платите на работниците коишто се под нивна ингеренција, во делот на зголемените животни трошоци и подобрувањето на социо – економскиот стандард. Ова само по себе покажува дека социјалниот дијалог е се уште жив и функционира во локалната самоуправа со новите раководства, коишто покажуваат значителна грижа и разбирање за работничките права.
Ваквиот бран на водење рамноправен, фер и коректен социјален дијалог во делот на локалната самоуправа требаше да биде начинот на којшто Владата можеше да се грижи за работниците во изминатите четири години, коишто се под нејзина ингеренција и затоа КСС ја повикува власта, што посокоро и што побрзо да ги следи добрите примери на дел од градоначалниците и раководствата во локалната самоуправа.
КСС се надева и работи во делот на подобрувањето на работничките права и зголемувањето на платите, но за жал мораме да констатираме дека на централно ниво овој процес е скоро невозможна мисија. Затоа уште еднаш ја повикуваме власта на разум и транспарентност и да се одважи во исполнување на барањата на работниците во јавниот сектор каде што е работодавач и да престане да се конфронтира со работниците, а воедно да се случуваат тензии како што е во периодот сега и претходно. Исто така, ги повикуваме сите пратеници во Собранието, особено оние од власта, коишто треба да ги прифатат амандманите поднесени од синдикатите, во делот на платите и помошта што треба да ја добијат работниците, во спротивно сите тие коишто ќе гласаат против и ќе го сопрат овој процес за нас ќе останат „непријатели на работниците“ и ќе бидат запаметени за урнисување на работничките права.